X
 28.11.2019 Живот

3.965 евра е штетата што ја направиле „Шверцери“ во МНТ

Вкупната материјална штета направена во Македонскиот народен театар од навивачката група „Шверцери“ е 3. 965 евра, утврдила надлежната комисија. Штетата мора да се надомести, а ќе се утврди и одговорното лице што ќе ја плати. Но, треба да се понесе одговорност за духовната штета што е направена, истакна премиерот Зоран Заев на денешната собраниска седница на која се поставуваат пратенички прашања, меѓу кои и за случувањата во МНТ, јави МИА.

Заев информира дека го добил записникот од комисијата, но не успеал да го прочита бидејќи, како што рече, синоќа доцна се вратил од Босна и Херцеговина.



Инаку, бил откорнат тапацирот на пет стола во вредност од 125 евра, откорнати биле и ногарки од столови, 150 парчиња во вредност од 250 евра, уништен бил парапет на прва галерија во делот на украсни лајсни и тоа 10 и други два метри, во вредност од 240 евра. Уништени биле и орнаменти, бордури во вредност од 200 евра, како и искршени пет подни светилки, теписони со дупки од догорчиња во вредност од 400 евра.

- Живееме и работиме за младите луѓе и тие се нашата иднина. Не смееме да дозволиме материјалните добра што се на сите, но и духовните добра што оваа земја ги има создадено да бидат допрени, оштетени и на кој било начин омаловажени. Реакцијата што се случи од јавноста е духовната болка. Она што го видовме на снимките беше причина за сериозната реакција што се јави. Верувам дека тука има поединечни одговорности, ќе се утврдат и ќе ѝ соопштиме на јавноста - рече Заев, додавајќи дека не сака да прави калкулации околу тоа што се случило, кој бил виновен или слично.

Потенцира дека реагирале и тој и неговата партија, но и многу други политички партии поради тоа што е направена поголема штета, а тоа е духовната.
- Дали се тоа млади или повозрасни луѓе, националниот театар е отворен за сите и треба сите да го користат, но се знае под какви околности и во какви услови - апелираше Заев.
Премиерот Заев, меѓу другото, потсети дека тој бил присутен на одбележувањето на Денот на албанската азбука во МНТ во првиот дел, по што во 20:30 часот заминал.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот