X
 29.08.2018 Образование

Четири милиони деца бегалци не одат на училиште


Вкупно четири милиони деца бегалци не одат во училиште, стои во најновиот извештај на Агенцијата на ОН за бегалци (УНХЦР) за образованието на бегалците. Во извештајот „Да го смениме трендот – Образование на бегалците во криза“, стои дека бројот на деца мигранти што не одат во училиште е за половина милион поголем во споредба со истиот период минатата година.
Како што се наведува, 61 отсто од децата бегалци одат во основно училиште, во споредба со 92 отсто од децата од целиот свет, додека само 23 проценти од нив се запишуваат во средно училиште во споредба со 84 отсто од децата во светот.

На факултет се запишуваат 37 отсто од младите во светот, додека таа шанса ја имаат само еден отсто од бегалците, а овој податок, истакнува УНХЦР, не се менува во последните три години.
Високиот комесар на ОН за бегалци, Филипо Гранди, истакна дека без образование ќе биде направена ненадоместлива штета на иднината на децата бегалци и нивните заедници.
- Образованието е начин да им се помогне на децата да ги залечат раните, но исто така е и од клучно значење за изградба на нивните татковини - рече Гранди.

Во Извештaјот се истакнува дека треба да се направи повеќе со цел сите бегалци да добијат образование какво што заслужуваат, а земјите што прифаќаат мигранти се повикуваат да ги вклучат децата во националните образовни системи со соодветни наставни планови за основно и за средно образование.

Во документот се укажува и дека 92 отсто од децата бегалци на училишна возраст живеат во земји во развој и оти им е потребна финансиска помош од меѓународната заедница.
Се наведува дека кон крајот на 2017 година во светот имало повеќе од 25,4 милиони бегалци, од кои 19,9 милиони се под заштита на УНХЦР.
Повеќе од половина, односно 52 отсто, биле деца, од кои 7,4 милиони деца биле на училишна возраст.

Фото: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование