X
 30.01.2019 Економија

На најсреќната држава во светот итно ѝ се потребни нови работници

Финска важи за најсреќната земја на светот, но дури и оваа држава се соочува со стареење на населението, а тамошната влада е под сè поголем притисок дополнително да ја зголеми стапката на вработеност.

Токму зајакнувањето на пазарот на труд би можело да биде главна агенда на партиите што ќе се борат за гласовите на избирачите на идните парламентарни избори во Финска на 14 април. Ако се суди по новообјавениот државен извештај, новата администрација би требало да ја подигне вработеноста на 75 отсто од вкупното работоспособно население до 2023 година, а потоа да отиде и чекор нанапред и да ја доведе до високи 80 отсто.

Тој процент сега е 72, што воедно беше и целта што првиот човек на финската влада, Јуха Сипиле, ја постави кога седна во премиерското столче во 2015 година. Со оглед на тоа дека тогаш Финска мака мачеше со тригодишен економски пад, втор од големата економска криза во 2008 година, целта на Сипиле се чинеше недостижна.

Сепак, тој успеа да го зајакне пазарот на труд со 140.000 нови работници, а сега им се потребни уште околу 150.000 луѓе за да осигурат опстанок на нивото на благосостојба.

- Темелот на нордиската благосостојба, кој ја прави нашата држава најсреќна на светот, со неверојатно висок државен стандард, се потпира на високата стапка на вработеност - истакна главниот економист во „Нордеа банк“, Аки Кангашарју.

Она што ѝ е потребно на Финска е секој што може да работи да има работа, додава тој.

Владата на Сипиле веќе покрена неколку мерки за поттикнување на вработувањето. Ако успее владата трајно да ја зголеми вработеноста над 75 отсто, тоа целосно би ги покрило расходите. Но, Кангашарју предупредува дека ако не успеат да донесат нови луѓе на пазарот на труд, на Финците им се заканува стегање на ременот.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија