X
 30.06.2019 Живот

ИКЕА се вклучува во изградба на поволни домови

За да го решат проблемот со станбеното прашање на своите граѓани, властите во Велика Британија решија да почнат проект за изградба на прифатливи куќи и станови со шведскиот трговски синџир за мебел ИКЕА.

Како што наведуваат британските медиуми, на проектот ќе работат тројца партнери - ИКЕА и нејзината сестринска компанија „БоКлок“ и градежната компанија „Сканска“, специјализирана за изградба на нискобуџетни куќи.

Овие три компании досега имаат изградено околу 11.000 куќи и станови низ Шведска, Финска, Данска и Норвешка, а сега и во Британија би требало да се изградат 162.

До новата соработка меѓу британските власти и шведскиот гигант дојде токму поради брзото зголемување на цените на кириите и на недвижностите. Имено, во оваа земја цените на станбените објекти често се и 12 пати поголеми од просечната годишна плата на жителите. Токму поради тоа, но и поради подоцнежните даночни оптоварувања, голем број граѓани не се во можност да си купат сопствен дом.

Сите објекти ќе бидат изградени на државно земјиште, а локалните власти ќе добијат 30 отсто недвижности за програмата за социјално домување и станбено згрижување на економски загрозените граѓани. Останатите 70 отсто ќе им припаднат на извршителите на работата, кои потоа ќе ги стават на пазар по многу пониска цена. Станува збор за програма на компанијата „БоКлок“, според која, станарите плаќаат само онолку колку што можат да си дозволат и тоа откако ќе им се пресмета данокот кој мора да го платат и останатите животни трошоци. Главно станува збор за трошоци од околу една третина од месечната нето-плата, со станбен кредит на 25 години.

Мнозинството станови ќе варираат од еднособни од 50 квадратни метри до трособни со 74 квадратни метри, а доколку проектот се покаже како успешен, шведската тројка би требало да работи на изградба на дополнителни 500 објекти.

Работата би требало да започне во септември 2020, а завршувањето и вселувањето се очекуваат во април 2021 година.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот