X
 31.05.2023 Наука

Кога се појави, го промени текот на историјата - оружје кое може да уништи сѐ за неколку секунди

Утро, јули 1945 година. Во 5:30 часот над Ново Мексико свети светлина посилна од сонцето. Огнената топка избриша сè во непосредна близина и произведе облак во облик на печурка што се издигна над 11 километри во воздухот.

Научниците што ја предизвикале експлозијата славеле. Се смееле, се ракувале и наздравувале. Но, потоа ги обзеле темни мисли за смртоносниот потенцијал на оружјето што го создале затоа што ја направиле првата нуклеарна експлозија во светот.

Тестот со кодно име „Тринити“ бил триумф за истражувачкиот проект „Менхетен“: тој покажал дека научниците можат да ја користат моќта на фисијата на платониумот. Така, светот бил воведен во атомска ера, а начинот на војување и геополитичките односи биле засекогаш променети. По помалку од еден месец, САД фрлиле две нуклеарни бомби врз Хирошима и Нагасаки во Јапонија, докажувајќи дека е можно да се уништат огромни површини земја и да се убијат голем број луѓе за неколку секунди.

Уште од откривањето на овој феномен во 30-тите години, научната заедница се обидува да открие како да предизвика нуклеарна фисија (реакцијата што се случува кога атомското јадро се разделува, создавајќи огромна количина на енергија). Нацистичка Германија била првата што се обидела да го искористи како оружје, а веста за нејзините напори протекла заедно со прогонетите политички дисиденти и научници, меѓу кои имало многу германски Евреи.

openhajmer
Роберт Опенхајмер, „таткото“ на атомската бомба/Фото: Wikipedia

Проектот „Менхетен“ и раѓањето на првите нуклеарни бомби


Откако емигрантот и физичар Алберт Ајнштајн го предупредил претседателот Франклин Рузвелт во 1941 година дека Германија се обидува да развие атомска бомба, САД се приклучиле во трката за нуклеарно вооружување. Бил лансиран таен проект за истражување на атомите, со кодно име „Менхетен“, кој ги собрал најеминентните физичари.

Проектот се одвивал на десетици локации, од Лос Аламос, Ново Мексико, до Оук Риџ, Тенеси. Се проценува дека околу 600.000 луѓе биле вклучени во проектот во текот на неговиот развој, но неговата цел била толку тајна што многу од нив немале поим како нивните напори придонеле за пошироката цел. Имало два патишта по кои научниците тргнале за да создадат нуклеарно оружје: едниот базиран на ураниум, а другиот, покомплексен, базиран на плутониум.

По долгогодишно истражување, „Менхетен“ влегол во историјата. Една од трите плутониумски бомби произведени пред крајот на војната била успешно тестирана во 1945 година. САД развиле и ураниумска бомба која сè уште не била тестирана. И покрај очигледниот потенцијал на ова оружје да ѝ стави крај или да го промени текот на Втората светска војна, многу научници што помогнале во развојот на нуклеарната технологија се спротивставиле на неговата употреба во војна. Лео Зилард, физичарот кој ја открил нуклеарната верижна реакција, побарал од администрацијата на Хари С. Труман да не ја користи во војна. Но, неговите и други петиции потпишани од десетици научници останале незабележани.

На 6 август 1945 година „Супербомбардерот“ Б-29 фрлил ураниумска бомба врз Хирошима со цел да ја принуди Јапонија безусловно да се предаде. Три дена подоцна, САД фрлиле плутониумска бомба, идентична на пробната бомба „Тринити“, на Нагасаки. Во нападите биле уништени двата града, при што загинале и биле ранети најмалку 200.000 цивили. Оние што преживеале до ден-денес се сеќаваат на овој настан.

Јапонија се предала на 15 август 1945 година. Некои историчари тврдат дека нуклеарните експлозии имале друга цел: да го заплашат Советскиот Сојуз. Експлозиите несомнено ја започнале Студената војна.

Извор: National Geographic
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука