X
 06.04.2024 Наша тема

Д-р Моника Стојанова, творец на здравите биосупи: Синтетските адитиви да се заменат со природни за храната да биде квалитетна и функционална

Моника Стојанова, доктор на науки по прехранбено инженерство, со потесна научна област технолошка микробиологија, е меѓу авторите на значајната монографија „Современи екстракциони методи на биолошки активните компоненти во прехранбената биотехнологија“, издадена преку престижната издавачка куќа Cambridge Scholars Publishing, Велика Британија.

Кое е значењето на оваа книга за прехранбената индустрија?

Монографијата е иновативна синтеза на три значајни области од прехранбената биотехнологија. Таа ги опфаќа современите методи на екстракција (извлекување) на биолошки активните компоненти од храната. Изборот на соодветен метод е првиот клучен аспект за добивање квалитетен екстракт (материја извлечена од храната), кој понатаму би можел да се користи во различни сектори на прехранбената индустрија. Акцентот е ставен на современите, а не на традиционалните методи поради многубројните предности. Се работи за т.н. „зелена екстракција“, односно методи кои се целосно еколошки безбедни и не ја загадуваат животната средина. Книгата содржи информации за потенцијалните здравствени придобивки од екстрахираните биолошки активни компоненти, како што се антиоксидативно, антимикробно, имуномодулаторно, невропротективно и антидијабетогено дејство. Монографија претставува иновативна перспектива за индустриското производство на целосно безбедна, квалитетна и функционална храна. Оваа храна е иднината на градењето поздрава и подобра нација.



Освен што е прва книга од ваков вид во светската научна литература, таа е и прва книга на оваа тема во Македонија.

Првпат автори од кај нас, од областа на природните науки, се претставија со свое пишано дело издадено преку престижната Cambridge Scholars Publishing. Беше голем предизвик дали нашата идеја ќе ги задоволи строгите критериуми на издавачката куќа. Книгата успешно помина четири рецензии од еминентни професори од четири различни земји. Ова е голем чекор напред во афирмација на македонската наука во светски рамки. Книгата воедно е и голема афирмација за Факултетот за земјоделски науки и храна при УКИМ, бидејќи во еден сегмент од моето образование сум алумни-студент на оваа институција, на што сум особено горда. Еден од авторите, проф. д-р Марина Т. Стојанова, е редовен професор на тој факултет. Освен македонски автори, зад ова дело се потпишаа и академик проф. д-р Драгутин А. Ѓукиќ од Универзитетот во Крагуевац, Србија, и проф. д-р Азиз Шатана од Универзитетот Ерџие, Турција, па монографијата има меѓународен карактер.

Што всушност значи екстракцијата?

Екстракцијата е процес на „извлекување“ на посакуваните компоненти од некој материјал (растенија, печурки и сл.). Постојат голем број т.н. традиционални екстракциони методи кои се користат за научни и за производствени цели. Но, дел од нив може да бидат токсични за животната средина. Затоа, сè поголем предизвик денес претставува имплементирањето на современите екстракциони методи. Тие се познати како „зелена екстракција“ бидејќи не се воопшто токсични, ниту ја загадуваат животната средина. Голем број растителни видови, печурки, но и отпадни материи (како што е отпадот од прехранбената индустрија) во себе содржат концентрации на биолошки активни компоненти (глукани, феноли, флавоноиди), а тие не можат да се искористат бидејќи често се работи за видови кои не се директно јадливи (на пример, медицинските диви печурки), а претставуваат голем природен потенцијал. Преку различни процеси на екстракција, во контролирани услови, може да се екстрахираат и да се аплицираат во некој прехранбен производ како замена за синтетските адитиви.



Како да се произведе нова храна збогатена со природни екстракти?


Бидејќи континуирано расте бројот на населението кое треба да се прехрани, производството на храна мора рапидно да се зголемува. Во оваа „трка“ најлесен и најекономичен начин на масовно (индустриско) производство е доколку се применат синтетски адитиви. Докажано е дека синтетските адитиви имаат штетно дејство врз здравјето. Доколку ова производство се насочи кон употреба на природни адитиви, целта е постигната. Моите и истражувањата на соработниците се во насока на целосно елиминирање на синтетските адитиви, нивна замена со екстракти од печурки и хербални екстракти. Висококвалитетните екстракти мора да се произведуваат во лабораториски или индустриски услови, односно контролирани услови. Може да се употребуваат кај секоја популација бидејќи тоа се само природни концентрирани компоненти.

Единствена сте што на оваа тема работи во Македонија. Креиравте функционален производ биосупа. Која е разликата во однос на индустриски произведените супи?


Индустриски произведените супи, покрај другите синтетски адитиви, содржат засилувач на аромата – мононатриум глутаминат (МНГ или познат како Е621). Многубројни студии покажуваат дека МНГ е поврзан со несакани појави меѓу потрошувачите, како главоболки, тегоби, забрзана срцева активност, па и посериозни здравствени нарушувања, Оттука излезе и инспирацијата за биосупите, тоа се индустриски произведени дехидрирани зеленчукови супи, без синтетски адитиви (мононатриум глутаминат), збогатени со лиофилизирани екстракти од медицински и јадливи печурки, собрани од македонските планини. Супите поседуваат антиоксидативни, антимикробни и имуномодулаторни својства, поради што спаѓаат во т.н. функционална храна. Ова истражување беше во рамките на мојата докторска дисертација на Универзитетот во Белград, Србија.



Колкави се придобивките ако човек изеде една порција биосупа?

Со детални хемиски и биолошки анализи беше утврдено дека овој производ, покрај исклучителниот нутритивен состав, поседува силна антиоксидативна и антимикробна активност. Супата беше тестирана на 12 вида патогени микроорганизми, од кои позначајни се Listeria monocytogenes, Escherichia coli, Salmonella Enteritidis, Staphylococcus aureus, Candida albicans и др. Конвенционалните зеленчукови супи не поседуваат ниту едно од овие својства. Со консумирање една порција дневно биосупа имаме нутритивно полновреден оброк, а внесуваме и биоактивни компоненти со антиоксидативно дејство, кои го прочистуваат организмот од слободните радикали и антимикробно дејство против патогените микроорганизми, па го подобруваат имунолошкиот систем. Или како што рекол францускиот писател Франсоа де ла Рошфуко: „Да се јаде е неопходност, но да се јаде интелигентно е уметност“. Поради фактот што биосупите се прв производ од ваков вид во светски рамки, беа номинирани од страна на Универзитетите во Белград и Крагуевац, Србија, за неколку награди, како: Food Tech Innovation Award (2022), Шпанија; 36th Khwarizmi International Award for Researchers, Inventors and Innovators from around the world (2022), Иран, како и UNESCO-Al Fozan International Prize (2023).

Во тек се истражувањата и креирањето на уште еден иновативен македонски производ: функционален леден чај кој нема да содржи сорбати и бензоати како адитиви, а ќе биде збогатен со екстракт од липа.
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Наша тема