X
 25.01.2018 Образование

„Образовното чудо“ Финска и лекциите што можеме да ги научиме од оваа земја

финска
Фото: Reuters

Успехот на Финска во ПИСА-тест спроведен од страна на Организацијата за економска соработка и развој за оценување на способностите на учениците по математика, наука и читање беше изненадување за Финците. Во 2006 година Финска беше држава со најдобри перформанси. И покрај тоа што резултатите се намалија, Финска повторно е рангирана меѓу највисоките земји.

Финска е пример за земја што не ги следеше многу глобалните принципи за реформи во образованието. Во оваа земја не постојат стандардизирани тестови или училишни инспекции, туку образовниот систем се потпира на „интелигентна“ одговорност. Ова значи дека постојат национални стандарди за учење и предавање во форма на наставна програма на национално ниво и закони и прописи, меѓутоа, нема рангирања на училиштата врз основа на резултатите од тестот. Но, постои и се применува редовна самоевалуација на училиштата.

Финската образовна политика повеќе цени квалитет, а помалку контрола и конкуренција. Училиштата, наставниците и локалните власти уживаат доверба и постои политички консензус за заедничките договорени цели на образованието.

Благосостојбата на учениците е во центарот на вниманието. Повеќето фински ученици одат во државното училиште што им е најблиску, а тоа е сеопфатно училиште каде што сите сфери на животот се учат заедно. Финскиот сеопфатен училиштен систем ја следи нордиската стратегија за градење висок квалитет и еднаквост во образованието врз основа на јавно финансиран училиштен систем.

Наставниците се вреднуваат, а само околу 10 отсто од оние што аплицираат успеваат да влезат во програмата за наставник во основно образование, што е петгодишна магистерска програма и е дел од универзитетскиот образовен систем од 70-те.

Разликите меѓу финските училишта остануваат занемарливи. Една од карактеристиките на финскиот образовен систем е да обезбеди еднаква можност за сите. Сепак, според последните резултати на ПИСА, социо-економскиот статус на учениците се чини дека игра улога во Финска.

Учениците од ниски социо-економски домаќинства се зголемија поради невработеноста. Покрај тоа, помалку ученици читаат за забава во текот на слободното време, што е во корелација со пониските резултати на учениците забележани во последните резултати на ПИСА.

Растечката нееднаквост во образованието ги загрижува образовните професионалци и носители на одлуки во Финска.

Клучен аспект на финскиот образовен систем е флексибилното специјално образование што обезбедува вклучување и еднаквост во образованието.

Финските наставници ја обликуваат нивната настава за да можат да одговорат на потребите за учење на секој ученик. Наставниците во осново училиште се поддржани од други специјалисти при одлучувањето за тоа каква поддршка може да бара ученикот. Исто така, ова се дискутира и е одобрено од родителите на учениците.

Сеопфатни училишта во Финска


Со овие училишта Финска и тоа како се гордее. За да продолжи со извонредноста и борбата против нееднаквоста, сеопфатниот училиштен форум на Финска нуди нова визија за сеопфатните училишта во земјата, што беше воведена во август 2017 година.

Иницијативите предвидени со оваа визија вклучуваат: унапредување на професионалниот развој на наставниците, воведување нови активности во експериментирање и иновации, обезбедување наставници-ментори во секое училиште за поддршка на дигитализацијата и нови педагошки пристапи, промовирање на интернационализација на образованието и обезбедување дека децата доволно се движат и дека секој ученик вежба најмалку еден час дневно.

Заедно за квалитетно образование


Сите ангажирани лица, како што се членовите на парламентот, образовните власти на сите нивоа, директорите, наставниците, вработените во другите училишта, родителите, учениците и членовите на заедницата, се ангажирани и ќе играат улога во спроведувањето на оваа нова визија. Ако е успешна, ова ќе донесе реновирана енергија што ќе го ажурира финскиот сеопфатен училиштен систем за подобрување на учењето и компетенциите на учениците.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование