X
 26.02.2024 Наука

Вонземен метал пронајден во прастаро богатство

Во скриени резерви на сјајни златни богатства од бронзената ера на Иберија највредните предмети можеби се пар корозирани метали.

Нараквица без сјај и за'рѓана вдлабната хемисфера декорирана со злато се ковани не од метал ископан од земјата, туку од железо од метеорити што паднале од небото, утврдиле истражувачи.

Откритието е направено од тим предводен од сега веќе пензионираниот челник на одделот на конзервација при Националниот археолошки музеј во Шпанија, Салвадор Ровира-Лоренс, а тоа посочува дека технологиите и техниките на обработка на метал во Иберија пред повеќе од 3.000 години биле многу понапредни отколку што мислевме.

Богатството од Вилена, како што се познати резервите од 66 претежно златни предмети, е откриено во 1963 година во денешно Аликанте, Шпанија, и оттогаш се смета како еден од најважните примери на златарството во бронзената ера на Иберискиот Полуостров, но и на цела Европа.

Сепак, утврдувањето на староста на колекцијата било тешко поради два објекта - мала хемисфера, за која се мисли дека е дел од жезло или рачка на меч; и нараквица. Двата предмета имаат нешто што археолозите го опишуваат како „железен“ изглед, односно изгледаат како да се направени од железо.



На Иберискиот Полуостров железната доба, во која железото почнало да ја заменува бронзата, не започнала до околу 850 година пр.н.е. Проблемот е што златните материјали датираат од 1500 до 1200 година пр.н.е. Па, наоѓањето на контекстот на „железните“ артефакти во богатството од Вилена беше голема енигма.

Сепак, железната руда од Земјината кора не е единствениот извор на ковливо железо. Во светот има голем број железни артефакти кои датираат од пред железната ера кои биле направени од материјал од метеорити. Можеби најпозната е камата на фараонот Тутанкамон направена од метеоритско железо, но има други оружја од истата доба направени од тој материјал и нивната вредност е многу голема.



Разликата е во тоа што железото од метеоритите содржи многу повеќе никел од железото ископано од Земјата. Па, истражувачите добиле дозвола од Археолошкиот музеј во Вилена, каде што е сместена колекцијата, внимателно да ги испитаат двата артефакти и да утврдат колку никел содржат тие.

Покрај високиот степен на корозија, која го менува составот на артефактот, резултатите посочуваат дека двата предмети се направени од железо од метеорит. Ова речиси ја разрешува дилемата за тоа како предметите се вклопиле во колекцијата - тие биле направени проближно во истиот период и датираат од околу 1400 до 1200 година пр.н.е.

Сепак, поради тоа што предметите се многу корозирани, резултатите не се конечни. Но, има посовремени и неинвазивни технологии кои може да се искористат за да се добијат подетални податоци кои би помогнале во зацврстувањето на резултатите, вели тимот.

Резултатите се објавени во „Трабахос де Преисториа“.

Извор: Science Alert
Фотографии: Villena Museum
Подготвил: Билјана Спиркоска

Издвојуваме

Наука