X
 29.02.2024 Живот

„Фридом хаус“: Глобалната слобода се влошува, Македонија останува во категоријата делумно слободни земји

Глобалната слобода продолжи да се влошува и во 2023 година, што е тренд кој трае 18 години по ред, соопшти „Фридом хаус“ во годишниот извештај „Слободата во светот“.

Македонија, како што пренесува Гласот на Америка на македонски јазик, останува во категоријата делумно слободни земји во друштво со Албанија, Косово, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Унгарија, Украина и Молдавија.
Најголем пад за последниве десет години од државите во регионот имаат Србија, која бележи пад за 21 поен, и Босна и Херцеговина со намалување на 10 поени.

Изборни манипулации, војни и напади врз плурализмот се клучни двигатели на глобалниот пад, според „Фридом хаус“. Речиси 38 отсто од луѓето во светот сега живеат во земји оценети како неслободни, 42 отсто живеат во делумно слободни земји и само 20 отсто живеат во слободни земји.

- Глобалната слобода направи голем чекор наназад во 2023 година. Светот се соочува со уште еден клучен тест во 2024 година бидејќи милијарди луѓе се упатуваат на гласање, како и поради повеќето вооружени конфликти, вклучително и во Источна Европа, Јужен Кавказ и Блискиот Исток, на поголем дел од глобалното население ќе им бидат скратени основните слободи во годините што следуваат, што на крајот ќе влијае врз мирот, просперитетот и безбедноста - рече Мајкл Џеј Абрамовиц, претседател на „Фридом хаус“.

Руската инвазија на Украина продолжи втора година, дополнително понижувајќи ги основните права во окупираните области и предизвикувајќи поинтензивна репресија во самата Русија.

Негирањето на политичките права и граѓанските слободи на спорните територии ја повлече слободата во одредени земји, вклучително и некои демократии, посочува „Фридом хаус“.

- Оваа година ќе биде клучна за демократските општества и нивните напори да ја унапредат каузата за слобода низ целиот свет. Задржувањето на правата на оние на спорните територии, зајакнувањето на заштитните огради за слободни и фер избори и брзото реагирање кога антидемократските лидери се обидуваат да ги соборат избраните влади се само дел од активностите што мора постојано да се преземаат за да се запре глобалниот пад - изјави Јана Гороховскаја, коавторка на извештајот и истражувачка директорка за стратегија и дизајн на „Фридом хаус“.

Слободата во светот вклучува резултати и детални извештаи за политичките права и граѓански слободи за 195 земји и 15 територии низ целиот свет.

Извор: МИА

Издвојуваме

Живот