X
 29.05.2022 Колумни

Во светот кој се менува, предизвик е да се биде наставник

Merge cube е воведен во наставата по предметот англиски јазик во ООУ „Крсте Петков Мисирков“ во Радовиш - прво училиште во државава каде што е воведена оваа дигитална алатка

Новите искуства во користењето на дигиталните алатки поттикнаа промени кај мене, а секоја промена во корист на учениците е добредојдена. Ова е новиот начин на учење, а истовремено и императив на времето. Иднината на образованието ќе биде светла, но тоа не значи дека ќе биде лесно. Мора да се направат неопходните промени, мора да се научат нови работи што се во чекор со времето (како што се технолошките иновации) и тие мора да се имплементираат во наставата.
Во свет кој брзо се менува, да се биде наставник може да биде вистински предизвик. Токму затоа задржувањето на мотивираноста е клучно за висококвалитетна настава и доживотно учење, кои се пресудни за подобрување на квалитетот на училишното образование. Со заживувањето на улогата на наставниците би можела да се сруши една од неколкуте бариери за иновативното образование. Како што училниците низ целиот свет се менуваат секоја година, така и разноликоста станува важен предизвик во наставата.
Растечката и забрзана примена на новите ИКТ-технологии во речиси сите сегменти од општеството особено дојде до израз во образованието, кое треба да ги подготви учениците за дигиталната ера – општество кое се темели на технологијата. Времето во кое се раѓаат и растат денешните генерации е дигитално и нема друг начин освен редовното образование да се приспособи на современите трендови. Иновативните дигитални методи мора да се приспособат на нивните потреби. Ова е шанса која треба да се искористи со цел да се дизајнира модерен образовен систем кој ќе ги следи тенденциите на модерното време. Децата се ангажирани во уметничка и технолошка сфера уште во ран развој, па ги спремаме за светот кој станува сѐ покомплексен, во кој успехот не произлегува само од она што го знаете, туку и од она што може да го направите со тоа што го знаете.

Ние како генерација на наставници сме должни да им овозможиме да фатат чекор со високоразвиениот свет, а тоа може да се постигне преку интегрирање на новите технологии во образованието, при што овие генерации ќе станат дигитално писмени. Брзината на развој на нови технологии и дигитални алатки е огромна и ние мора да најдеме начин како да ги интегрираме на правилен начин во образованието, но не смееме да ги игнорираме.
Сметам дека развојниот акцент на образовниот систем кај нас треба да се стави на новата дигитална педагогија, а со помош на дигиталните технологии во неа да се интегрираат визуелната и вербалната писменост. Затоа сметам дека дигиталната писменост треба да биде составен дел од секој час, во рамките на секоја наставна содржина во текот на целокупното образование на поединецот. Главниот предизвик е фокусот на дејствување токму со воведување на Merge cube во наставата по предметот англиски јазик во ООУ „Крсте Петков Мисирков“ во Радовиш, кое е и првото основно училиште во нашата држава каде што е воведена оваа дигитална алатка. Merge cube коцката е првиот и единствениот холографски предмет во светот што можете да го држите во вашата дланка, кој ви овозможува да одржите дигитални 3Д-објекти, инаку познати како холограми. Можете да играте, учите и да истражувате на магични нови начини. Тоа е релативно едноставна коцка, специјално дизајнирана да биде брза и точна, но оживува кога ученикот ја користи за да комуницира со апликациите и ви дава моќ за контрола на холограмите!
Ова е волшебно искуство и предизвикува огромна љубопитност и ангажман на учениците. Merge Cube работи со Merge EDU, практична платформа за дигитално учење која им помага на учениците ефективно да научат наука и СТЕМ со 3Д-објекти и симулации со кои можат да ги допрат, држат и да комуницираат. Користењето на Merge Cube бара мобилен уред кој работи со IOS или Android. Ова може да биде мобилен телефон или таблет. Merge Cube е една од оние работи што имаат многу голем образовен потенцијал за користење и создавање на виртуелни 3Д-објекти, овозможувајќи сосема нов начин за учење и интеракција со дигиталниот свет. Тој е местото каде што ќе најдете повеќе од 1.000 дигитални наставни помагала дизајнирани да бидат ефективни како физички наставни помагала за учење.

„Merge Cube“ е најдобро приспособена за основно образование поради импликациите кои помагаат во интегрирањето на технологијата во образованието за да помогне во врската помеѓу технологијата и учењето. На часовите по англиски јазик учениците може да ја користат оваа апликација за илустрирање и опишување на вокабулар или граматички структури. Исто така, може да се користи за создавање мултимодални текстови, како што се резимеа, приказни, книги или филмски прегледи, дискусии, активности за идеи или која било друга активност што вклучува пишување и илустрации. Ова може да биде поттикнување на учениците да најдат или да создадат свои сопствени предмети за да ги постават и споделат. Дека вниманието во училницата не се добива со монотонија и рецитирање на учебникот, туку со практични и иновативни примери. Дигиталната писменост е важен, а можеби и најважниот сегмент на кој мора да работиме во реформирањето на образованието. Важноста на познавање и напредно применување на дигиталните вештини од страна на денешните ученици претставува нивен пасош кој го пополнуваат денеска, а ќе биде од особена важност за да можат да ги работат професиите од иднината. Крајно време е ова сериозно да го земеме предвид и веднаш да почнеме да ги менуваме работите. Вложувањето во образованието е вложување во иднината на една земја!

Автор: Митко Ристов

Издвојуваме

Колумни