Симпатично италијанско село нуди бесплатно сместување - сѐ што треба да направите е да се пријавите

Симпатично италијанско село нуди бесплатно сместување - сѐ што треба да направите е да се пријавите

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Италијанско село оддалечено два часа од Рим и Неапол се надева дека ќе привлече туристи летово нудејќи бесплатно сместување.

Сан Џовани во Галдо, селце во Јужна Италија, нуди некои од празните куќи за туристи што ќе го посетат регионот помеѓу јули и октомври. Како и многу мали и рурални италијански села, и Сан Џовани страда од опаѓање на бројот на населението бидејќи жителите се преселуваат во големите градови. Како резултат на тоа, има многу слободни куќи што можат да бидат исполнети со туристи кои сакаат да избегаат од преполните градови.

Сместено во регионот Молисе, селцето е на само 40 минути од јадранското крајбрежје и Апенинските Планини и е богато со прекрасна природа.

Под проектот наречен „Регалати ил Молисе“ (Подари си го Молисе), посетителите можат да уживаат во бесплатен еднонеделен престој во некој од празните домови во регионот. Целта е да се врати животот во селото и да се стави Молисе на мапата со примамливи туристички дестинации. Со покриени трошоци за сместување, за посетителите остануваат повеќе пари за откривање на убавините на Молисе, историјата на регионот и неговата храна и вино. Проектот, креиран од локалниот активист Енцо Луонго, ќе трае од 4 јули до 3 октомври.

grad
Фото: Pixabay

- Поради децениската имиграција од Молисе, во селото постојат куќи што со години се празни. Ова се убави, но ненаселени села кои немаат никакви туристички сместувања, па затоа ни дојде идејата за заживување на овие историски села и истовремено охрабрување на посетителите да ги посетат во овие тешки периоди кога туризмот страда - вели Енцо.

За да аплицирате, морате да пополните формулар во кој ќе објасните зошто сакате да го откриете Молисе. Формуларот потоа треба да се испрати на е-пошта до асоцијацијата за култура на селото. До пет луѓе можат да бидат дел од една апликација, што можете да ја најдете ТУКА.

Извор: Lonely Planet