Јована Цветановска, најдобар студент на Медицина со просек 9,98: „Специјализантите заслужуваат поголема поддршка, почит и можности за професионален развој“
Од самиот почеток бев свесна дека медицината не се учи само за да се положи испит, туку за еден ден да се носат одлуки од кои ќе зависат човечки животи. Токму таа свест ме мотивираше секој ден да го давам својот максимум, вели Јована Цветановска
Меѓу 24. најуспешни дипломирани студенти на УКИМ за академската 2024/2025 година е и
Јована Цветановска. Таа дипломира на Медицинскиот факултет - Скопје со просек 9,98 и е лиценциран, дипломиран доктор по општа медицина.
- За мене, ова признание не претставува крајна цел, ниту повод за самозадоволство. Напротив, го доживувам како потсетник дека ѝ должам уште повеќе на оваа професија, на пациентите и на довербата што ќе ми биде укажана во иднина. Горда сум што останав истрајна и ги остварив целите што си ги поставив, иако на самиот почеток можеби звучеа претенциозно. Но тие никогаш не беа насочени кон висок просек по секоја цена.
Мојата цел беше да го давам својот максимум, секогаш кога тоа е можно, да учам со дисциплина, да работам со посветеност и да останам доследна на вредностите што ги избрав. Плод на таа истрајност, посветеност и љубов кон медицината е токму оваа награда денес. Сепак, чувството што денес преовладува не е гордоста, туку одговорноста. Ова признание за мене е поттик постојано да бидам подобра – не само од вчерашната верзија на себеси, туку и достојна да чекорам рамо до рамо со најдобрите. Ова за мене е обврска никогаш да не престанам да учам, да се усовршувам и да се стремам кон извонредност. Силна мотивација да продолжам да ја оправдувам довербата што ми е укажана и со својата работа да придонесувам за професијата што ја избрав со толку многу љубов и убедување - ни сподели Јована.
Најголемиот предизвик е одговорноста што ја носи лекарската професија
Желбата да студира медицина постои уште од најраните години.
- Отсекогаш сакав да бидам лекар и да имам можност да спасувам човечки животи. Тоа беше мојата најголема мотивација и цел која никогаш не ја доведов во прашање. Во текот на целото мое образование се стремев кон извонредност. Бев посветен ученик и успехот секогаш беше резултат на дисциплина, континуирана работа и истрајност. Признанијата и наградите ме следеа уште од основното и средното образование, а оваа награда ја доживувам како природно продолжение на тој пат и како потврда дека вложениот труд секогаш наоѓа свое признание. Големо влијание врз мене имаа и моите родители, кои како лекари отсекогаш биле почитувани и ценети луѓе во својата средина. Нивниот пример ме научи дека најголемото признание не доаѓа од наградите, туку од довербата и почитта што ги стекнувате со чесност, знаење, посветеност и емпатија кон пациентите и нивните семејства. Отсекогаш сакав да ги следам тие вредности. Така, сосема природно, мојот пат ме одведе до студиите по општа медицина на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје - споделува Јована.
Најголемиот предизвик, но и најсилната мотивација во текот на студирањето ѝ била одговорноста што ја носи лекарската професија.
- Од самиот почеток бев свесна дека медицината не се учи само за да се положи испит, туку за еден ден да се носат одлуки од кои ќе зависат човечки животи. Токму таа свест ме мотивираше секој ден да го давам својот максимум. Никогаш не се споредував со другите - мојата цел беше постојано да бидам подобра од вчерашната верзија на себе.
Истовремено, имав една лична желба - еден ден да се навратам на студентските денови без жалење, со чувство дека сум го искористила секој момент, дека сум уживала во процесот на учење и дека сум дала сѐ од себе. Верувам дека успехот има многу поголема вредност кога патот до него е исполнет со љубопитност, пријателства и убави спомени. Голема мотивација ми беа и луѓето околу мене. Искрено сакав сите мои колеги да бидат успешни бидејќи верувам дека успехот не е натпревар, туку заедничко растење. Иако често знаевме да правиме конкурентна средина за тоа кој подобро ќе помине на колоквиум или испит, на крајот на денот меѓусебно се мотивиравме, си помагавме и се радувавме на секој заеднички успех. Токму таа позитивна и здрава конкурента средина беше една од најубавите работи што ми ги донесе студирањето и една од работите што ме изградија во подобра верзија од себеси - дополнува таа.
Кардиологијата е областа во која сакам да продолжам да се усовршувам
Како што вели таа, успехот секогаш бара одредени жртви, без разлика за која професија станува збор. Но медицината е професија која не дозволува половично знаење и половична посветеност.
- Не смее да биде ниту полуразбрана ниту полунаучена бидејќи зад секоја одлука и секое стекнато знаење стојат човечки животи. Затоа сметам дека на медицината мора да ѝ се пристапи со целосна посветеност и одговорност. И покрај тоа, секогаш се трудев да одржам рамнотежа помеѓу студирањето и приватниот живот. По природа сум личност која ужива во дружењето и во времето поминато со семејството и пријателите. Најчесто учев навечер, што ми овозможуваше во текот на денот да одвојам време за кафе со колегите, кратко дружење или некоја друга активност што ме исполнуваше. Не можам да кажам дека беше лесно. Имаше моменти кога требаше да се откажам од излегување, патување, одмор или од некое мое хоби, но никогаш не ги доживував тие откажувања како товар. Напротив, искрено уживав во самиот процес на учење. Секој предмет носеше нова приказна, нов предизвик и ново знаење што дополнително ја зацврстуваше мојата љубов кон медицината. Посебно место во текот на студиите отсекогаш имаа клиничките предмети поради желбата за директна работа со пациенти, а од нив особено сѐ поврзано со кардиоваскуларната медицина. Нејзината комплексност, динамика и можноста со навремена интервенција директно да се спасуваат човечки животи отсекогаш ме фасцинирале. Уште за време на студирањето знаев дека токму таму го гледам својот професионален пат и дека кардиологијата е областа во која сакам да продолжам да се усовршувам и да ја градам својата кариера - изјавува Јована.
Следен чекор за неа е вработување и започнување на професионалниот пат како лекар.
- Моја најголема желба, а воедно и избор уште од почетокот на студиите е кардиологијата. Особено ме привлекува интензивната кардиолошка нега - област која бара брзо клиничко размислување, сигурно носење одлуки и тимска работа во моменти кога секоја минута може да биде пресудна за пациентот. Токму таа динамика и можноста непосредно да се помогне во најкритичните состојби се причините поради кои се гледам во оваа гранка на медицината. Голема желба ми е да посетувам едукации и стручни усовршувања во странство, да учам од најдобрите центри и стекнатото знаење, искуство и современи практики да ги донесам назад и да ги применувам во нашето здравство - вели Јована.
Токму овој здравствен систем ме изгради како лекар
Според Јована, секој здравствен систем има простор за унапредување. Една од промените за кои силно се залага е понатамошното проширување на позитивната листа на лекови.
- Со задоволство гледам дека во последниот период се прават значајни чекори во таа насока, но верувам дека овој процес треба да продолжи. Во текот на мојата пракса сум сведочела на пациенти за кои одредена современа терапија би била најдобриот избор, но, за жал, поради високата цена, тие не можеле да си ја дозволат. Исто така, сметам дека е потребно да се формираат повеќе мултидисциплинарни тимови, во кои лекари од различни специјалности ќе соработуваат при лекувањето комплексни пациенти. Таквиот пристап овозможува поквалитетна здравствена грижа, побрзо носење одлуки и подобри резултати од лекувањето. Последно и можеби најважно, верувам дека специјализантите заслужуваат поголема поддршка, почит и можности за професионален развој. Тие се идните носители на здравствениот систем и токму нивната едукација, мотивираност и задржување во државата претставуваат инвестиција во поквалитетно здравство за сите граѓани - вели Јована.
Планира својата професија да ја гради во Македонија.
- Токму овој здравствен систем ме изгради како лекар и ми ги даде темелите на моето образование, па чувствувам обврска стекнатото знаење да го вратам тука. Иако, како и секој систем, има свои предизвици и несовршености, верувам дека промените започнуваат од секој поединец. Ако секој од нас даде сè од себе во својата професија, чекор по чекор можеме да создадеме поквалитетно здравство и подобро утре за сите - подвлекува Јована.
Фото: приватна архива
Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.