Албанија и Грција затвораат училишта поради коронавирусот

Албанија и Грција затвораат училишта поради коронавирусот

Коронавирусот почна да ги затвора образовните институции и во соседството. Во Албанија наставата во сите образовни институции ќе биде прекината до 3 април, додека во Грција до 22 март превентивно ќе бидат затворени 34 училишта.

Албанската влада на денешната итна седница, по појавата на коронавирусот во земјата, донесе одлука со која наставата во сите образовни институции се прекинува до 3 април.

- Во рамките на владините мерки се прекинуваат летовите кон Северна Италија и други области до 3 април. Исто така, се прекинува наставата во целата земја. Време е да ги затвориме сите образовни институции и да ги одложиме сите активности, јавни расправи, собири и слично до 3 април - изјави албанскиот премиер Еди Рама.

На итна владина седница премиерот објави дека се издвоени дополнителни финансиски средства во износ од 400 милиони леки.

- Во оваа ситуација, како и при секоја ситуација кога општеството и државата се соочуваат со вонредна ситуација, потребни се воздржаност и зачувување на смиреноста, и следење информации од официјален извор, како и да се почитуваат препораките што произлегуваат од потребата да се придонесува за себе и за другите. Ставивме на располагање и уште еден фонд од 400 милиони леки според барањата на министерството за здравство - изјави Рама.

Претходно владата издвои милион американски долари за набавка на потребните средства за оваа цел. Засега, како што изјави Рама, нема потреба од целосно затворање на границата, освен зголемување на мерките.

Албанија денеска ги потврди првите два случаи на инфекција со новиот коронавирус, а се работи за татко и син кои се вратиле од Италија.

Во меѓувреме, за да се спречи дополнително ширење на новиот коронавирус во Грција, од денеска до 22 март превентивно се затворени 34 училишта од кои речиси сите се во областа Атика, поширокиот регион на грчкиот главен град.

Од денеска стапуваат во сила и дополнителните превентивни мерки на грчката влада, а предвидуваат во следните четири седмици да се одложат сите конференциски настани во земјата, на четири седмици се затвораат центрите за заштита на стари лица, во следните две седмици спортските натпревари ќе се одржуваат без публика и на исто толку време се откажуваат сите екскурзии за учениците.

Овие мерки доаѓаат откако бројката на позитивни случаи на Ковид-19 во Грција се искачи на 73 откако вчера беа потврдени седум нови случаи.

Од 73 лица заразени со новиот коронавирус, 58 случаи се поврзани со групата што била на поклоничко патување во Израел и Египет, односно 47 члена на групата и 11 нивни контакти.

Извор: МИА