Зошто Јапонците живеат долго иако не практикуваат напорни физички вежби?

Зошто Јапонците живеат долго иако не практикуваат напорни физички вежби?

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Јапонија има најмногу стогодишници по глава на жител во светот. Едно истражување од 2016 година од Светскиот економски форум покажува дека таму живеат 61.000 жители што имаат 100 или повеќе години. Тоа е 0,048% од целото население.

Заслугата за ова најчесто ѝ се припишува на јапонската исхрана, која е богата со риба, зеленчук и минимално внесување шеќер. Во традиционалната јапонска кујна се практикува да се јадат мали порции со локални намирници.

Само 4,3% од населението во Јапонија се дебели. За споредба, во Австралија, Канада и Велика Британија дебели се над 27% од жителите, а во САД процентот е 36,2%.


Фото: Pexels

Но се чини дека исхраната не е единствената тајна за долговечноста на Јапонците. Жителите на оваа земја обожаваат да пешачат. Тие пешачат секаде - до работа, до продавница, до ресторан. Околу 69% од Јапонците поседуваат автомобил. За споредба, во САД околу 93% од жителите имаат автомобил.

Во Јапонија, просечниот жител прави 6.500 чекори дневно. Но Јапонците не сакаат да вежбаат напорни физички вежби. Во една анкета, повеќе од половина од испитаниците во Јапонија изјавиле дека речиси не прават физички вежби (освен пешачењето). Јапонците не гледаат на пешачењето како на вежбање, туку тоа е станато дел од нивното секојдневие.

Автор: Тенер Герити
Извор: insidehook.com