Сакате филмови и самотија? Шведскиот филмски фестивал нуди една недела на изолиран остров

Сакате филмови и самотија? Шведскиот филмски фестивал нуди една недела на изолиран остров

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Овие денови сите се обидуваме да практикуваме физичко дистанцирање со оглед на пандемијата со која со соочуваме, но шведскиот филмски фестивал на еден филмски обожавател му нуди можност да помине една недела гледајќи ги понудите на изолиран остров на светилник.

Филмскиот фестивал во Гетеборг оваа година ќе се одржува онлајн, па затоа создаде иницијатива наречена „Изолирано кино“. Избраната личност ќе престојува на оддалечениот остров Хамнескар, каде што се наоѓа познатиот светилник „Патер Ностер“.

Малиот остров се наоѓа на западниот брег на Шведска, а името го доби затоа што опасните води околу островот ги инспирирале морепловците да ја читаат „Оченаш“ на латински („Патер Ностер“) кога нивните бродови се приближувале до опасните гребени.

Светилникот бил изграден во 1868 година и го добил името „Патер Ностер“ како почит кон молитвите на морнарите. Во септември таму беше отворен нов хотел дизајниран од компанијата „Стилт“ на Ерик Нисен Јохансен. Токму во овој хотел ќе престојува избраниот кандидат, кој ќе биде оставен сам да ги гледа филмовите, додека друго лице ќе биде присутно исклучиво од безбедносни причини.

- Кандидатот ќе помине седум дена на островот, каде што ќе добие целосен пристап до целата филмска програма на филмскиот фестивал. Ќе добие намирници за период од седум дена и ќе биде пренесен со брод до и од островот. Но, откако ќе пристигне, ќе биде оставен сам со филмовите. За време на престојот тој ќе може да зборува за искуствата во видеодневник што надворешниот свет ќе може да го следи - велат организаторите на фестивалот.

Фестивалот трае 11 дена, од 29 јануари од 8 февруари, со 60 премиери и претставувања на режисерите. Уште две изолирани искуства ќе се случат на места што сега се напуштени во Гетеборг, а тоа се арената „Скандинавиум“ и киното „Дракен“. Искуството почнува на 30 јануари и ќе трае до 6 февруари, а сите што се заинтересирани да аплицираат треба да ја посетат веб-страницата ТУКА.


Извор: Lonely Planet
Фото: Screenshot/YouTube