Еве зошто ве полазуваат морници кога ја слушате вашата омилена песна

Еве зошто ве полазуваат морници кога ја слушате вашата омилена песна

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Лежите, со слушалки на ушите, изгубени во песната, кога моќниот хор или инструменталната пауза испраќа бранови низ вашите раце и нозе, предизвикувајќи да ви се крене косата. Ако сте запознаени со слична верзија од ова чувство, тогаш сте дел од 50 отсто од луѓето што доживуваат физичка сензација на морниците што ги предизвикува музиката.

Станува збор за феномен што може да се појави кога слушате и музика во живо, но и снимена музика, нова или позната. Феноменот е добро документиран низ годините. Но, едно прашање не е одговорено: зошто се случува ова?

Истражувачите се обидуваат да го откријат одговорот, а неодамнешното истражување фокусирано на мапирање на електричната активност на мозокот за време на „музичките морници“ открива дека музиката може да ги активира мозочните задоволства и центрите за награда.

Истражувањето


Невролозите со седиште во Франција користеле електроенцефалографија со висока густина (HD-EEG) за да ги илустрираат моделите на церебрална активност кога се предмет на пријатни музички морници. Во истражувањето учествувале 18 волонтери: 11 жени и 7 мажи. Сите пријавени доживеале морници за време на пријатната музика пред истражувањето.

Користејќи HD-EEG, електродите биле поставени на голема површина од главата на учесниците за да ја скенираат и мерат електричната активност во мозокот. Откако биле поставени, секој учесник слушнал пет музички извадоци што предизвикале морници, како и три дополнителни неутрални извадоци избрани од истражувачите, а од учесниците било побарано да го пријават нивното емотивно задоволство.

Тоа го направиле со постојано притискање на едно од четирите копчиња, што одговара на интензитетот на искуството (неутрално, слабо задоволство, големо задоволство, морници). Настанот со морници бил дефиниран како високо емотивно задоволство во комбинација со физичка сензација на морници, сензации на пецкање, подигнување на влакната и треперења по 'рбетот.

muzika
Фото: Freepik

Скенирањето открило присуство на тета-активност која е поврзана со меморијата, исчекувањето на наградата и вниманието во музичката емоционална обработка. Овие резултати се совпаѓаат со претходните истражувања со МРИ и ПЕТ-скенирање и отвораат нова врата за разбирање на односот на нашите предци кон музиката.

Неврологија и еволуција

Наодите од ова истражување покажуваат дека нашето уживање во музиката некогаш служело за еволутивна цел.

- Старите мозочни движења од суштинско значење за преживување и вмешани во мотивираното однесување, како секс, храна, пари - исто така се вклучени во обработката на музичкото задоволство. Така што, знаеме како, но сега треба да откриеме зошто за нас музиката е пријатна и наградува - вели Тиболт Чабин, водач на истражувањето.

Експертите долго време дискутираат дали музиката има биолошка функција. Додека некои сметаат дека музиката е нуспроизвод на човечкото постоење, други теоретизираат дека на нашиот вид му дала предност.

Размислете за фактот дека е познато дека музиката поттикнува ослободување на хормонот за гушкање - окситоцин. Од еволутивна перспектива, доаѓањето на музиката може да ја зголеми меѓузависноста и социјалната кохезија. Поврзаните групи што работеле заедно имаат поголема веројатност да преживеат. Најстарите познати музички инструменти во светот биле откриени во германска пештера во 2009 година: сет од флејти стари 43.000 години направени од коски од птици и коска од мамут. Се смета дека инструментите биле први користени во рекреација и ритуал.

- Во пештерата флејтата би звучела божествено и тоа би овозможило чувство на поврзување, што би го зајакнало опстанокот - вели д-р Кетлин Хоуланд, професорка по музичка терапија на колеџот „Беркли“.

Историски гледано, музиката се користела како алатка за одржување на оваа социјална кохезија. Како средство за идентификација, музиката често помага да се направи разлика помеѓу оние што се во групата и оние што се надвор од групата - помислете на денешните национални химни, протестни скандирања и чувството за другарство предизвикано од заедничкото пеење на концертите во живо.

Антрополозите посочуваат дека овие современи повторувања на музиката можеби еволуирале од координирани сигнали за територијална одбрана, слично на глутница волци што завиваат на полна месечина.

Музика за менталното здравје


Како музички терапевт, Хоуланд е свесна за начините на кои одредени типови музика можат да предизвикаат реакција на релаксација на мозокот и да помогнат во ублажување на анксиозноста и депресијата. Истражувањата покажаа дека музиката може и да го зајакне имунолошкиот систем и да помогне во лекување на состојби како Алцхајмеровата болест.

Додека живееме во стресни, неизвесни времиња, музиката може да биде моќна алатка што се користи и независно, но и со други алатки. Споделувањето на искуството на слушање на омилената песна со пријател, вклучувајќи и танц и движење, па дури и испреплетување на визуелните уметности, како цртање или сликање, може да ги засили поволните ментални ефекти на музиката.

Што носи иднината

- Ова истражување во лабораториски услови беше прв чекор пред другите експерименти во природни услови за време на концертите, во кои сакаме да измериме како се пренесуваат музичките емоции меѓу луѓето - вели Чабин.

Истражувачите се надеваат дека ќе го унапредат разбирањето на музичкото задоволство, а ова истражување е само почеток.

Иако е нејасно дали поврзаноста на нашите предци со музиката е поврзана со нашиот опстанок како вид, има позитивен ефект врз нашиот мозок. Во стресни периоди, слушањето музика е лесно достапен извор за унапредување на менталното здравје.

Извор: Verywellmind.com
Фото: Freepik