Секој што пораснал на Балканот знае за врсничко насилство, вели Леон Ристов, авторот на краткиот филм „Ќе му се јавам на татко ти“

Секој што пораснал на Балканот знае за врсничко насилство, вели Леон Ристов, авторот на краткиот филм „Ќе му се јавам на татко ти“

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска/srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

„Ќе му се јавам на татко ти“ е краток игран филм на македонскиот студент на Колеџот за филмски студии при Универзитетот „Веслијан“ во Конектикат


Краткометражниот филм „Ќе му се јавам на татко ти“ на младиот режисер Леон Ристов денеска учествува на престижниот Сараевски филмски фестивал. Тоа е голем успех за млад уметник, а ќе биде прикажан во програмата „ТинАрена“. Скопјанецот Ристов (21) е студент во четврта година на Колеџот за филмски студии при Универзитетот „Веслијан“ во Конектикат, кој „Холивуд репортер“ го рангира на 6. место на листата со најдобри филмски факултети во САД. Токму универзитетот го финансира филмот, чиј продуцент е „Џолев и уметностите“, а за постпродукцијата делумно се погрижи „Machina Production“ од Скопје.

Режисерот Леон Ристов и актерката Николина Кујача

Ристов е режисер и сценарист на два краткометражни играни филма, актер во повеќе филмски и театарски проекти, а ја играше и главната улога (ликот на Милан) во долгометражниот игран филм „Кога денот немаше име“ во режија на Теона Митевска. „Ќе му се јавам на татко ти“ е неговиот втор краткометражен филм кој неодамна имаше премиера на „Бич филм фестивал“ во Охрид. 

Во филмот играат: Николина Кујача, Оливер Митковски, Александар Андоновски, Стефанија Јовческа. Првпат во историјата Сараевскиот фестивал се одвива комплетно виртуелно. „Ќе му се јавам на татко ти“ од денеска до 22 август ќе биде достапен за онлајн-изнајмување на линков.

Поразговаравме со младиот режисер за можноста да се учествува на фестивалот во Сараево, кој веќе е со светско реноме.

Леон (прв од десно) играше една од главните улоги во „Кога денот немаше име“

- Се радувам на можноста! Сараевскиот филмски фестивал е еден од најквалитетните филмски фестивали во Европа. Покрај тоа што е интернационален фестивал, СФФ е специјално фокусиран на промоција на авторите од Балканот и Југоисточна Европа. Особено ми е драго што „Ќе му се јавам на татко ти“ е еден од претставниците на Македонија на олку значаен настан - вели Ристов.

Тој студира режија во САД, на Универзитетот „Веслијан“ во Конектикат.

- Високорангираните филмски катедри во САД се дел од таканаречени либерал артс факултети. Во овие институции, покрај предмети за стручно усовршување, студентите задолжително запишуваат предмети во други области. Како сценарист и режисер, многу ми помага тоа што паралелно со филмот студирам и филозофија, психологија, социологија, глума, фотографија...

Натуршчикот Александар Андоновски во главната улога

Тука би додал дека приватните факултети во САД имаат огромен буџет кој не го штедат, прво, за да им овозможат стипендии на студенти од помалку развиени земји како Македонија, второ, за да финансираат проекти кои би помогнале при воншколскиот развој на студентите. „Ќе му се јавам на татко ти“ е финансиран со токму таков грант, награден од страна на кариерниот центар на Универзитетот „Веслиан“.

Сцена од филмот „Ќе му се јавам на татко ти“

Во филмот ја третира темата на врсничкото насилство. Од каде идејата?

-Мислам дека секој што израснал во Македонија, или генерално на Балканот, знае за сличен настан како оној во мојот филм. Главниот лик, средношколецот Дамјан, го среќаваме претепан уште во првиот кадар. Не гледаме, ниту пак опишуваме, бидејќи многу лесно можеме да си замислиме што му се случило. Врсничкото насилство е катализатор кој ми помага да поставам поважни прашања околу насилството во нашето општество. Имено, од каде потекнува тоа, како е поврзано со родовите улоги и дали постои правилен/праведен начин на справување со истото - вели Ристов.