Истражување проценува дека може да има над 30 цивилизации во нашата галаксија

Истражување проценува дека може да има над 30 цивилизации во нашата галаксија

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Истражување од Универзитетот во Нотингем имало цел да процени колку планети во нашата околина може да бидат дом на вонземен живот под претпоставка дека животот се развивал на другите планети на сличен начин како на Земјата. Било откриено дека може да има десетици активни цивилизации што чекаат да бидат пронајдени во Млечниот Пат.

- Треба да има барем неколку десетици активни цивилизации во нашата галаксија под претпоставка дека се потребни 5 милијарди години за да се формира интелигентен живот како на Земјата - вели Кристофер Конселис од Универзитетот во Нотингем.


Фото: Pixabay

Новото истражување било направено под претпоставка дека интелигентниот живот се формира на одредена планета помеѓу 4,5 милијарди и 5 милијарди години од нејзиното формирање. Истражувањето претпоставува и дека вонземните видови би се развивале во околина во која има метали бидејќи луѓето се развивале во таква околина поради влијанието на металите во Сонцето.

Откривањето на која било потенцијална вонземна цивилизација би зависело од нашата способност за препознавање сигнали за живот во вселената. Тука се вклучени радиотрансмисии од сателити или телевизија. Доколку овие технолошки цивилизации постојат толку долго колку нашата, се претпоставува дека би можело да има интелигентен живот на 36 планети.


Фото: Pixabay

Комуникацијата со овие потенцијални планети со живот би била тешка бидејќи просечната оддалеченост до која било од овие цивилизации изнесува 17.000 светлосни години. Алтернативното сценарио е дека сме единствената планета со интелигентен живот во нашата галаксија и дека другите цивилизации ќе изумрат пред да ги откриеме.

Новото истражување било водено од Универзитетот во Нотингем и објавено во „Ди астрофизикал џурнал“.


Фото: Pixabay

Неодамна научниците открија планета која потенцијално би можела да има живот, на оддалеченост од 4,2 светлосни години од Сонцето. Сепак, потребни се уште многу анализи за да се потврди дека планетата би можела да биде погодна за живот.

Автор: Адам Смит
Извор: independent.co.uk