Еве како ќе изгледа годинашната церемонија на доделувањето на „Оскарите“

Еве како ќе изгледа годинашната церемонија на доделувањето на „Оскарите“

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

До церемонијата за доделување на „Оскарите“ ни преостанува уште еден месец, а не се знаат многу детали за тоа како ќе се одржува.

Во писмо до номинираните за „Оскар“ оваа година продуцентите на шоуто - Џеси Колинс, Стивен Содерберг и Стејси Шер - најавија дека нема да постои опција за вклучување преку „Зум“ за уметниците што ќе изберат да не присуствуваат или нема да сакаат да патуваат поради ситуацијата.

Земајќи примери од „Златните глобуси“ и „Еми“, каде што добитниците имале опција да ги примат наградите преку „Зум“, продуцентите изјавија дека ќе се потрудат да им обезбедат пријатна и безбедна вечер за сите, како и за сите милиони љубители на филмот низ светот.

- Сметаме дека виртуелната опција ќе ги намали овие напори - велат тие.

Исто така, продуцентите дадоа забелешка дека треба да се одржуваат многу кратки говори, така што шоуто не трае премногу долго.

Собирот ќе се карактеризира како интимен настан со физичко присуство и ќе се одржува во „Јунион стејшн“ во Лос Анџелес, со дополнителни елементи што ќе се одржуваат во живо во театарот „Долби“ во Холивуд.

Нагласувајќи ја пораката дека приказните се важни, продуцентите на телевизијата бараат секој кандидат да биде интервјуиран за секој да добие еднаква важност.

- Целта е да се потенцираат врските помеѓу сите ние што работиме во филмот и да покажеме дека процесот е уникатно интимен и забавен - велат продуцентите, но не беа споделени детали за тоа кој ќе ги интервјуира или кога ќе се прикажуваат тие интервјуа во текот на шоуто.

Вклучени се и деталите во врска со кодексот на облекување во вечерните часови, чија цел е да биде спој на инспиративно и аспиративно, што со други зборови значи дека формалното е сосема во ред, но кежуал-варијанта не би била во ред.

Номинациите објавени на 15 март беа најразновидни и најинклузивни во 93-годишната историја на „Оскарите“. Две режисерки (Клои Жао „Номадска земја“ и Емералд Фенел „Ветувачка млада жена“) беа номинирани во категоријата најдобар режисер, а нивните филмови добија номинации и за најдобар филм.

Извор: Variety.com
Фото: Screenshot/YouTube