„Дамски гамбит“, најновата мегапопуларна серија на „Нетфликс“, го зголеми интересот за шах кај младите

„Дамски гамбит“, најновата мегапопуларна серија на „Нетфликс“, го зголеми интересот за шах кај младите

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Новата серија на „Нетфликс“, „Дамски гамбит“, моментално е најдобро рангирана серија на оваа стриминг-платформа.

Во серијата Ања Тејлор-Џој ја глуми Елизабет Хармон, харизматична генијална девојка која влегува во светот на шахот каде што доминираат мажите. Но, најголемата ѕвезда во серијата, можеби и повеќе од Тејлор-Џој, е самиот спорт: шахот.

Серијата во седум епизоди раскажува за девојка што во 60-тите години се стреми кон врвот во играњето шах. Наречена по шаховски потег, серијата го следи животот на шаховското чудо Бет Хармон, чиј талент е откриен од старателот во сиропиталиштето.

Таа како мала останува сама, откако нејзината мајка загинала во сообраќајна несреќа, па така завршува во сиропиталиште. Во ваква студена средина таа ги поминува деновите играјќи шах и се развива во вистинско чудо од дете, шаховски гениј што успева да ги надмине сите противници. Како што расте, Бет сѐ поинтензивно се бори со детските зависности и трауми. Нејзината цел е да стане најдобра шахистка во светот, но нејзината емотивна состојба и затвореното, патријархално општество во 50-тите и 60-тите години се само дел од пречките со кои таа се соочува.

Серијата му донесе гламур на спортот, кој инаку добива малку внимание. Во неделата кога серијата била премиерно пуштена во САД, Велика Британија и во други земји, гугл-пребарувањата за терминот „шах“ значително се зголемиле.

Oд „Ибеј“ велат дека имале 273 отсто зголемување на пребарувањата за сетови за шах во деновите по премиерата на серијата.

Пандемијата и претходно предизвика луѓето да се насочат кон оваа игра, особено затоа што бараат пристапна, дистанцирана форма на забава во текот на целата година. А онлајн-шахот стана многу популарен. Но сега серијата го дополни целиот тој ентузијазам за шахот, особено предизвикувајќи интерес кај жените.

Една од силните страни на серијата е тоа што во преден план става женски играч, реткост во светот на натпреварувачкиот шах.

Според Дејвид Лада, главен директор за маркетинг на Меѓународната шаховска федерација (ФИДЕ), жените опфаќаат околу 16 отсто од лиценцираните играчи на која било земја. Ова е нешто што ФИДЕ се обидува да го поправи.

Вниманието на деталите во серијата го импресионира и озлогласениот свет на искусни шахисти.

- Шаховската заедница се вљуби во серијата затоа што успешно ги прикажува различните аспекти на шахот во сето свое богатство - вели Лада. Серијата го интензивира емоционалниот притисок на еден вистински турнир и ги прикажува ситните детали што можат да ги забележат само искусните играчи.

Toj го споредува со тоа како еден гангстерски филм може да го изгуби сјајот ако актерот запали цигара, а е „очигледно“ дека не е пушач. Така се препознаваат и гестовите на искусен шахист - како ги движат своите фигури и како го удираат тајмерот.

- Секако дека не е совршено, ништо не е совршено. Имаше и неколку работи што беа измешани, но генерално станува збор за најреалното измислено портретирање за тоа како се игра шах на турнири што некогаш сум го видел на телевизија, а сум ја гледал буквално секоја шаховска ТВ-серија или филм што постои - вели Лион Ватсон, кој работи за веб-страница за стриминг на натпревари во шах.



Извор: Business Insider
Фото: Screenshot/YouTube