Природата знае најдобро, но мора да работиме за да се зачува Преспанското Езеро, вели д-р Димитрија Сековски

Природата знае најдобро, но мора да работиме за да се зачува Преспанското Езеро, вели д-р Димитрија Сековски

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Како за никој друг регион, за Преспа се изработени најсеопфатни стратегии, планови и проектна документација кои сè уште се релевантни. Тоа, меѓу другото, е огромна заштеда на време на сите заинтересирани да помогнат од вистински мотиви


Тој буквално знае како дише Преспанското Езеро. Д-р Димитрија Сековски е дипломиран инженер на животната средина, кој докторирал на областа екохидрологија и интегралното управување со водните ресурси. Сековски има големо искуство во заштита на езерото во повеќе меѓународни проекти. Со него поразговаравме за причините за поголемото повлекување на водата на езерото, но и дали може да се влијае за тоа да се смени. Моментално работи за швајцарска консалтинг-фирма на Косово, но сѐ уште е надворешен соработник на УНДП и Швајцарската агенција за развој и соработка во државава.  


Преспанското Езеро нагло се повлекува. Освен сушата, кои други фактори го доведоа во ваква состојба овој природен бисер?

- Преспанското Езеро, кое е интегрален дел од речниот слив на Црни Дрим, претставува уникатен еколошки и хидролошки систем од глобална важност. Езерото нема површински истек, но константно губи вода поради хидрауличката врска со соседното, за 150-160 м пониско Охридско Езеро. Ваквата константната „загуба“ на вода низ карстниот систем на Галичица го прави водното ниво чувствително на врнежите и користењето на водите. Всушност, поради неговата специфична хидрологија, езерото е природно динамичен и особено ранлив систем.

Илустрација на врската помеѓу Преспанското и Охридското Езеро преку карстниот масив на Галичица (адаптирано од Поповска и Боначи, 2007)

Тргнувајќи од ова, промените на нивото на езерото не се невообичаени. Сличен пад на нивото се случувал во текот на различни временски периоди (на пр., при крајот на минатиот и почетокот на овој век). Тогашните анализи на водниот биланс покажуваа дека најголем удел во причините за падот на нивото има долготрајниот сушен период, како и истекот кон Охридското Езеро. Најверојатно причините остануваат исти и овој пат, особено што, во меѓувреме, не е регистрирано зголемено користење на водите за други потреби кај нас и во другите две држави со кои го делиме езерото и неговиот слив.

Сепак, треба да се напомене и дека количините вода што истекуваат кон Охридското Езеро не се константни, поради динамичниот карактер на карстниот систем на Галичица. Оваа природна карактеристика, всушност, му дава огромна вредност на системот, но и исто таква комплексност во неговото проучување и управување. Потребно е „освежување“ на анализите на водниот биланс на езерото за да може да се процени дали дошло до зголемено губење на вода низ Галичица.

Во меѓувреме, значително се подобрени податоците од мониторингот (на протоците во реките и нивото на езерото) што би ги направило пресметките попрецизни, а ние би добиле „поквалитетен“ одговор на тоа што се случува со хидролошката состојба на езерото.


Со воведување поголем ред во рибарењето, сечата на дрвјата, наводнувањето на овоштарниците, дали можеме да му помогнеме на езерото? Недостигаат ли поголеми контроли?


- Природната ранливост на екосистемот во комбинација со одредени неконтролирани и најчесто негативни антропогени притисоци во подолг временски период предизвикувала сериозни промени на квалитетот на водите и целокупниот еколошки статус на езерото. „Наглите“ промени на нивото ја менуваат структурата на крајбрежниот предел и живеалишта и ги интензивираат процесите на деградација (еутрофикација и загадување), на пример, поради порастот на концентрациите на хранливите материи и загадувачките материи кои потекнуваат од различни извори од сливот.

Ова резултира со парадоксална ситуација, каде што релативно мал број на население и мала економска активност предизвикуваат големи промени во екосистемот. Оттука произлегува потребата за „приспособување“ на притисоците врз езерото од човечко потекло во зависност од неговата хидролошка состојба. Ова, секако, во наши услови само теоретски е возможно, со оглед на тоа што промените на практиките во различни сектори не се толку динамични колку што се промените на нивото на езерото.

Сепак, многу може да се направи за да се минимизираат негативните влијанија врз езерото преку воведување мерки за намалување на внесот на загадувачки материи, на пример, од земјоделството, отпадните води од индустријата и домаќинствата, цврстиот отпад од различно потекло, подобра контрола на процесите нa ерозија. Проблемот со квалитетот на водите, всушност, доаѓа однадвор, т.е. од сливот на езерото, па таму треба да се бараат и решенијата.

Илустрација на главните притисоци од активностите во сливот на Преспанското Езеро

Една од мерките што може драматично да го зголемат капацитетот на екосистемот да „одолее“ на притисоците однадвор е возобновувањето на оние природни елементи на пределот што се најодговорни за одржување на целокупниот екосистемски интегритет – крајбрежни појаси, блатни системи и сл. Сите тие, освен што го регулираат хидролошкиот режим во сливот, претставуваат природни бариери на внесот на загадувачките материи во езерото. Дополнително, тие се главни „поддржувачи“ на високата биолошка разновидност.

За жал, историски гледано, токму овие природни подрачја биле најзагрозени преку нивна пренамена за други дејности (на пр., преку уништување на крајбрежните речни појаси и дренирање на блатните системи заради зголемување на земјоделските површини). Најдраматична ваква интервенција се случила кон крајот на 90-тите години кога е прокопано блатото во рамките на вливот на Голема Река – најголемата, но и во тоа време, најзагадена притока на езерото. На тој начин, преку уништување на оваа природна заштита и филтер, доаѓа до внес на огромни количини загадувачки материи во самото езеро, што го означува и почетокот на периодот на негова најголема деградација.

Во меѓувреме, многу е направено, преку серија мерки чија цел беше да му се помогнат на езерото да ја воспостави својата природна рамнотежа. Многу проекти се реализирани, главно со финансиска и техничка поддршка од швајцарската влада и УНДП, но и многу други донатори кои спречуваат состојбата да биде уште посериозна. Претходните резултати го исцртуваат патоказот кон оптималната заштита на езерскиот екосистем. Но, уште многу треба да се работи на освестувањето и насочувањето на политичката волја кон вистинските вредности.


Бевте вклучени во проектот за Преспа во соработка со УНДП. Имаме ли доволен меѓународен фокус врз Преспа?


- Моето потекло од регионот, а со тоа и поврзаноста на луѓето и езерото беа причина што речиси 15 години во континуитет бев ангажиран во напорите за надминување на предизвиците на езерото за кои зборуваме. Ја имав таа привилегија да бидам дел од особено мотивиран и професионален тим на ентузијасти организирани од страна на УНДП кои преку многубројни проекти успеаја да дојдат до значителни резултати. 

Посветеноста и резултатите беа препознаени од донаторите, пред сè, Швајцарската агенција за развој и соработка, Глобалниот фонд за животната средина и други, кои обезбедија значителни средства во решавањето на овие проблеми. Секако, достигнувањата се резултат на несебичната поддршка на многу луѓе од Преспа како „по службена должност“ така и чисто од љубов кон регионот. Иако моментално сум ангажиран на други проекти во земјата и регионот, сепак, се обидувам да следам што се случува во регионот и ако можам да се вклучам, иако можностите за тоа се далеку поограничени.

Што се однесува до проектите и постигнувањата, не постои друг дел во државата што толку долг период го одржува вниманието на донаторите и стручната јавност како што се Преспа и Охрид. Во рамките на современите концепти за интегрално управување со водите, во Преспа се реализирани многу проекти со значителни резултати и тоа во повеќе области: земјоделството, подобрувањето на ефикасноста на користењето на водите, управувањето со отпадот и отпадните води, мониторингот, намалувањето на загадувањето од индустријата, рибарството, шумарството, но и пионерски потфати во обновувањето на блатните системи, како и многу други.

Димитрија Сековски

Сите овие мерки заедно придонесоа до мерливо подобрување на многу од параметрите на квалитетот и општиот еколошки статус на езерото. Најновите случувања со нивото на езерото и проблемот со пласманот на јаболката (со што во езерото завршија значителни количини органски отпад) ги загрозуваат дел од овие резултати. Но, за среќа, системите се воспоставени и постојат многубројни искуства помеѓу луѓето во Преспа, па со мала политичка волја, може да се одговори на овие предизвици. 


Верувате ли дека има спас за езерото?

- Секако. Многу малку може да се направи по однос на одржувањето на нивото на езерото, поради неговите природни карактеристики, а особено во светло на предвидените климатските сценарија во иднина. Но, тоа не значи дека не може да се одржува интегритетот на екосистемот во целина. Резултатите од проектите во изминатите две децении воспоставија пример за тоа како може да се воспостави рамнотежа помеѓу потребата од развој на регионот и одржувањето на интегритетот на екосистемот. Како никој друг регион, за Преспа се изработени најсеопфатни стратегии, планови и проектна документација кои сè уште се релевантни. Тоа, меѓу другото, е огромна заштеда на време на сите заинтересирани да помогнат од вистински мотиви.

Охрабруваат најавите за потенцијално финансирање од страна на ЕУ, како и долгорочната финансиска поддршка што веќе се обезбедува од страна на фондот PONT (Prespa Ohrid Nature Trust).

Сепак, важно е да се напомене дека иако добредојдена, финансиската поддршка од донаторите е еднократна и заради постигнување одредена цел (трансфер на технологија, обезбедување капитални инвестиции за инфраструктура, обуки). Одржувањето и надградбата на резултатите од проектите, во секој случај, зависат од надлежните институции и од самите луѓе. А оттука произлегуваат и главните предизвици по однос на вашето прашање околу тоа дали може да се спаси езерото!


И покрај вниманието што е посветено на Преспа и Охрид во последниве години, сепак, мора да констатираме дека нашите познавања околу специфичноста на овој поширок екосистем се ограничени. Недостигот на историски податоци од мониторинг (на квантитет, квалитет и параметри на еколошкиот статус) ги ограничува нашите можности да предвидиме што точно може да се случи доколку се спречи или намали истекот на вода од Преспанското кон Охридското Езеро. И какви последици тоа ќе има за Охридското, со оглед на тоа што, според одредени анализи, се претпоставува дека Преспанското Езеро учествува со околу 40% во водниот биланс на Охридското. Последиците за развојот на екосистемот се непредвидливи.


Во ваква ситуација, тргнувајќи од идејата дека „природата знае најдобро“, потребно е фокусот да се стави на минимизирање на притисоците од човековите активности. Промените на нивото на водата не се резултат на некоја „системска грешка“, туку една од природните карактеристики што го прават екосистемот особено значаен и вреден за зачувување. Прифаќајќи го ова и адаптирајќи се на оваа природна динамика, дури и при пониско ниво на водата во езерото би имале функционален екосистем кој би генерирал многубројни еколошки и социо-економски придобивки за регионот и за светот, сега и за идните генерации.

Село Стење (фото: Андреј Марјановиќ)


Познавачите на Преспа велат дека во последните децении и самиот биодиверзитет е многу променет – има сѐ помалку риба, Змискиот остров е сѐ помалку змиски. На што се должи ваквата промена? Дали е директно поврзана со водостојот и нивото на езерото?


- Заканите врз биолошката разновидност се комплексни и се поврзани со глобалните промени и природните фактори (на пр., климатските промени, хидролошката состојба на езерото и промените на нивото), но и човечкиот фактор (на пр., загадување, прекумерно искористување на ресурсите). И додека на промените во природата малку можеме да влијаеме како држава и локални заедници, многу можеме да направиме да ги минимизираме негативните влијанија од антропогено потекло, преку намалување на загадувањето, подобро управување со рибниот фонд, подобро управување со шумите. Тие мерки се познати и во голема мера тестирани во Преспа. Потребно е само малку повеќе грижа и давање шанса на оние што навистина го сакаат езерото да ја водат борбата.


По однос на биолошката разновидност, и покрај драматичните промени во минатото, последниве години можевме да забележиме и позитивни трендови. Комбинацијата на мерките во сливот овозможи подобрување на параметрите на квалитет на водата во притоките и езерото. Ова, во комбинација со подобро управување со рибниот фонд, според истражувањата на Хидробиолошкиот институт од Охрид, покажа дури подобрување на структурата и бројноста на популациите на риба. Ова е значаен индикатор, но за понатамошно подобрување на состојбата потребни се редовен мониторинг, пристап до финансиски средства за мерки и проекти и одржливост.