БРО обезбеди свидетелства, училиштата ќе ги добијат пред почетокот на учебната година. Не треба да се плаќа за нив!

БРО обезбеди свидетелства, училиштата ќе ги добијат пред почетокот на учебната година. Не треба да се плаќа за нив!

Подготвил: Антонија Поповска / antonija.popovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Документи за завршено образование во јуни добија само полуматурантите и матурантите зашто им беа потребни за уписи

Бирото за развој на образованието (БРО) обезбедило свидетелства за сите ученици во државата, информираат оттаму. Во јуни Факултети.мк објави дека свидетелства нема во училиштата, а причина за тоа беше долгата постапка на јавна набавка за печатење педагошка евиденција и документација. Документи за завршено образование во јуни добија само полуматурантите и матурантите зашто им беа потребни за уписи.

- Бирото достави свидетелства до сите училишта што побараа, а им беа потребни на учениците заради преселба или заминување во странство. Свидетелствата за сите други одделенија и паралелки ќе им бидат доставени на училиштата од 17 август, по што наставниците и професорите ќе можат да ги пополнат и евидентираат постигнувањата на учениците, а датумот за давање на свидетелствата на учениците ќе го одредат училиштата или општината - информира Антоанета Шмит-Таневска, раководител на одделението за издавачка дејност во БРО.

Факултети.мк пред еден месец ги објави реакциите на Синдикатот за образование, наука и култура, од каде што рекоа дека има сериозни проблеми со недостиг на свидетелства.

- Тоа, според нашите информации, се должи или на нереализиран тендер за набавка на свидетелства или, пак, тендерот е доцна распишан. Непринципиелно е поради некои процедури, свидетелствата да не се издадат навреме. Ова е голем минус за службите - рече тогаш првиот синдикалец, Јаким Неделков.

Во Бирото за развој на образованието нагласуваат дека свидетелствата и дипломите за завршено образование се бесплатни за сите ученици и дека ниту еден родител и ученик не треба да плати за документот, односно наставниците немаат право да наплатуваат за нив.