Проф. д-р Соња Филипоска за „Европски облак за отворена наука“

Проф. д-р Соња Филипоска за „Европски облак за отворена наука“

Што е EOSC, објаснува проф. д-р Соња Филипоска, EOSC-амбасадор

Идејата за европскиот облак за отворена наука (European Open Science Cloud (EOSC)) се формира во 2015 година како визија на Европската комисија за креирање дигитална платформа за поддршка и развој на отворена наука и отворена иновација во Европа и пошироко преку федерација на националните инфраструктури и сервиси во единствена точка на пристап.

EOSC како централна точка за обединување на отворената наука во Европа

Елементите за успех на системот за европскиот облак за отворена наука (EOSC) се: отворен, јавно финансиран и управуван, фокусиран кон истражување, сеопфатен, разновиден и дистрибуиран, интероперабилен, заснован на понуда на услуги и општествен.
Според стратешкиот план за спроведување на EOSC, целта е: „Да се изгради потребната доверба за широка примена во голем број истражувачки заедници, па така од суштинско значење е развојот на EOSC да ги следи принципите што ќе го поттикнат неговото спроведување“. Ова значи дека преку EOSC-порталот научниците од сите научни дисциплини ќе имаат можност да пристапат до федеративните ресурси и сервиси и едноставно и лесно да ги најдат потребните алатки за нивната научноистражувачка работа. Уште повеќе тие ќе може да ги комбинираат овие алатки за креирање истражувачки работни текови, а и да формираат повеќедисциплинарни тимови кои ќе работат заедно на дадена истражувачка тема или проект. EOSC-порталот, исто така, ќе биде и единствената точка за пристап која ќе нуди пристап до голем број податочни множества кои се потребни за изведување на истражувањата, а се објавени со имплементација на FAIR принципите.

Повеќе информации на македонски за EOSC
Повеќе информации на македонски за FAIR податоците и принципите

Од овие причини, членувањето во EOSC-асоцијацијата е од огромно значење за истражувачките заедници од нашата земја бидејќи тоа значи активно вклучување во сите процеси, но и проекти кои ќе ги поддржува и раководи EOSC-асоцијацијата. Во моментов Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство ФИНКИ при УКИМ е единствената институција членка во EOSC од нашата земја.



Која е улогата на EOSC-амбасадорите

Задачата на EOSC-амбасадорите во секоја земја е да ги промовираат идеите за отворената наука, EOSC и FAIR принципите во научноистражувачките заедници, но и пошироко. Главната идеја е идните корисници на EOSC-порталот, како и потенцијалните даватели на сервиси за EOSC, да ги разберат можностите што ги нуди EOSC, како тој ќе го смени досегашниот научноистражувачки процес и како може да им помогне на истражувачите да добијат пристап до сите алатки што им се потребни за квалитетно истражување. За оваа цел се организираат повеќе настани преку кои истражувачките заедници можат од поблиску да се запознаат со визијата за EOSC и можностите што тој ги нуди во комбинација со FAIR податоците и принципите, поддржани од проектите како NI4OS-Europe.
Важно е да се напомене дека со следење на визијата за EOSC се постигнува и намалување на фрагментацијата на достапните сервиси и инфраструктура на национално ниво и со тоа позитивно се влијае врз квалитетот на истражувањето во земјата. Во таа насока EOSC-амбасадорите се дел и од националните иницијативи за отворена наука во облакот. Во нашата земја неодамна беше одржан првиот основачки состанок на NOSCI.mk националната иницијатива за отворена наука во облакот во Северна Македонија на кој, меѓу другото, беа дискутирани и предностите што ги нуди EOSC и членувањето во EOSC Асоцијацијата. NOSCI.mk тековно работи на изработка на Декларација за отворена наука преку која ќе бидат поканети сите чинители во општеството да се вклучат во процесот на креирање отворена наука со цел да се унапредат можностите за иновација и квалитетно истражување во нашата земја.