X
 01.03.2019 Живот

Како мал индиски град преживеа повеќе од 1.000 земјотреси за 4 месеци

Во еден момент Ахита Санкар Мачи си седела на пластично столче, занимавајќи се со далечинскиот управувач. Веќе во следниот момент била на подот, а столот бил над неа. Преживеала нереални мигови додека земјата се тресела.

- Имав чувство како некои невидливи раце да посегнуваа од длабочините на земјата и насилно ме тресеа - раскажува Мачи, 28-годишна наставничка, присетувајќи се на кошмарот од 13 февруари.

И повеќето жители на нејзиното село Дапчари имаат некаква земјотресна приказна за раскажување. Исто како и жителите на другите 27 села во индиската област Палгар, околу 130 километри северно од индиската финансиска престолнина Мумбај.

Сите тие биле погодени од повеќе од илјада земјотреси од ноември минатата година, кога започнало сè, според Националниот центар за сеизмологија (НЦС) од Њу Делхи. Магнитудите на земјотресите варирале меѓу 1,6 и 3,9 степени според Рихтеровата скала.

Во селото Дундалвади, кое е оддалечено околу 60 километри од градот Палгар, бил идентификуван епицентарот. Службениците во селото прегледале 600 куќи, а околу 250 од нив биле оштетени.

До јануари феноменот веќе станал начин на живот во регионот. Но, на први февруари нештата повторно се смениле.

Двегодишната Ваибави Рамеш Бујал си играла на фарма, на околу 2,5 километри од Дундалвади, кога земјата почнала да се тресе. Исплашена, таа потрчала накај мајка си, која била на само неколку метри, се сопнала и паднала, удирајќи ја главата од камен. Малото девојче починало пред да успеат да го однесат до најблиската болница, на околу осум километри оддалеченост.

Оттогаш стравот станал пореален. Сега луѓето живеат во несигурност, спијат во шатори на отворено и секогаш гледаат децата да им се на видик. Во некои училишта часовите веќе не се одржуваат внатре, туку во шатори. Така, луѓето мора да се справуваат и со студот во текот на ноќта, а смислиле и системи за предупредување.

Фото: Quartz

Но, зошто се случува ова?

Од НЦС за честите земјотреси велат дека се серија на земјотреси со ниска магнитуда, кои се случуваат околу одреден регион во текот на одреден период, кои во некои случаи траат со месеци. Слична активност била забележана во минатото во Индија. Но, сеизмолозите се поделени околу тоа зошто се случуваат земјотресите.

Некои од нив веруваат дека причина се годишните монсуни. Дождот кој навлегува во карпите го зголемува притисокот во нив, кој потоа се ослободува во форма на земјотреси или серија потреси. Тоа особено се случува во области со тектонско движење на седумте различни плочи на Земјата.

Винит Кумар Гахалаут, директор на НЦС, вели дека обично ако станува збор за серија слаби земјотреси, тогаш не е веројатно дека ќе има голем земјотрес. Но, тој забележува дека овие природни процеси се динамични и нелинеарни и она што се случило во минатото не мора да важи и за иднината.

Обично хидросеизмичките серии земјотреси се смируваат за три до четири месеци по дождовите. Сепак, во Палгар има индикации дека може да продолжат до крајот на март, смета Кумар.

Но, што ако има повеќе од дождовна вода, како што веруваат другите истражувачи?

Сеизмолошко-тектонскиот атлас на Индија, кој ги лоцира областите склони на земјотреси, покажува повеќе од 66 активни раседи, вклучувајќи и неколку околу Палгар. Некои експерти се сомневаат дека потресите се резултат на тоа.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот