X
 01.11.2021 Наша тема

Најдобриот студент во Македонија - Ева Богоевска на 16 години запишала факултет, а дипломирала со чиста десетка

Ева на 16 години се запишала на Факултетот за музичка уметност во Скопје и била најмладиот студент во државата. Од 2020 година е вработена во Македонската филхармонија на работно место прва виолина тути

Ева Богоевска на 21 година стана студент на својата генерација и студентка со највисок просек во земјава. Дипломирала виолина со чиста десетка на Факултетот за музичка уметност. Положила 70 испити, од прв пат и во рок, сите со десетки.
Државниот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ минатиот месец ја прогласи за најдобар студент со највисок просек од 10,00 за 2019/2020 година.
Таа е најдобра од сите студенти од државните факултети.

Признанието ѝ било доделено од проф. д-р Никола Јанкуловски, ректор на УКИМ, и проф. м-р Живко Фирфов, декан на ФМУ-Скопје.
За тоа кој е патот да се стане најдобар студент во Македонија и како да се дојде на врвот во образованието, дали е потребно само да се има талент или пресудни се и упорноста и посветеноста, разговаравме со Ева.



Дилема меѓу пијано и виолина

Ева прво изучувала пијано. Тоа била желба на мајка ѝ. Но, еден период паралелно ги изучувала и двата инструмента.
Почнала да свири на виолина на 7-годишна возраст во класата на професорката Ана Кондратенко.
- Присуствував на еден концерт, односно тоа беше балетот „Шехерезада“ од Римски Корсаков. Има едно преубаво многу познато соло за виолина кое ме воодушеви. Од тој момент знаев дека виолината е инструментот на кој сакам да му се посветам - вели таа.

Сепак, посочува дека голема поддршка во целиот процес на нејзиното образование добивала од мајка ѝ, која е професорка по пијано. Помни дека уште кога почнала да изучува виолина, вежбала редовно, речиси секојдневно.



- Кога почнав брзо да напредувам со виолината, преминував на потешка и потешка програма и ми беше потребно повеќечасовно вежбање. Така и брзо дојде време кога требаше да изберам кој инструмент ќе го свирам. Тогаш имав чувство дека ќе ја разочарам мајка ми кога ќе ѝ кажам дека сакам да продолжам да свирам на виолина. Моето детско размислување одеше и во насока дека виолината е помала од пијаното и ќе можам секаде да си ја носам и да свирам на неа - објаснува Ева.
Но, мајка ѝ ја поддржала во нејзината одлука.
- Таа несебично ми помагаше, ме мотивираше и вежбаше со мене сите овие години. Така, освен волјата, трудот, добриот педагог, и поддршката од семејството е многу важна за постигнување успех - објаснува Ева.

Била најмладиот студент во земјава

Ева на 16 години се запишала на Факултетот за музичка уметност во Скопје и била најмладиот студент во државата.
- Поради многу меѓународни успеси, а по препорака на професорите, последните две години од основното ги зедов во една, а истото се случи и во средното образование. Така, моето образование се одвиваше малку поинаку - додава младата виолинистка.

За време на студирањето Ева максимално му се посветувала на секој предмет еднакво.
- Знаев дека со многу труд и напорна работа успехот е загарантиран. Вежбам со голема љубов. Дисциплинираното вежбање е навика која се стекнува уште од мали нозе - вели таа.



Сепак, потенцира дека е многу тешко да се вежба секојдневно по повеќе часови виолина и истовремено да се постигнува континуирано најдобар успех и по сите други предмети.
- Сето тоа бара многу труд, самооткажување, посветеност и многу пропуштени дружби со пријателите - додава Ева.
Им порачува на студентите дека само со труд, напорна работа и голема посветеност успехот е загарантиран.
Од 2020 година е вработена во Македонската филхармонија на работно место прва виолина тути.
Работата во оркестар, според неа, е посебно доживување за секој уметник.
- Да се создава музика со повеќе исполнувачи на сцена е прекрасно чувство - смета таа.

Солистички концерти во речиси сите метрополи во светот

Инспирација црпи и од нејзините досегашни награди и успеси кои ја мотивираат да работи уште повеќе.
- Има и тешки моменти во целиот тој процес на работа, не оди секогаш сѐ така мазно, но треба да најдеме некој мотив кој ќе нѐ води напред и ќе нѐ бодри во она што сме си го поставиле како цел - додава младата виолинистка.

Секоја освоена награда ѝ е посебно драга. Ги доживува како мотив за понатамошна работа и како верификација на огромниот вложен труд.
- Можеби би ја издвоила наградата во Њујорк зашто на тој натпревар имаше огромна конкуренција, од над 200 кандидати од сите континенти во светот. Како првонаградена ми беше организиран концертен настап во познатата сала Карнеги хол - додава Ева.



Има реализирано и многу концертни настапи како солист на нашата Филхармонија, потоа како солист на Националниот оркестар на Операта и балетот во Хо Ши Мин, Виетнам, како и солистички концерти во речиси сите метрополи во светот.
- Секогаш кога настапувам во странство сум особено горда што истовремено ја претставувам и оваа наша прекрасна земја. За мене е дополнителен мотив да му покажам на светот дека една мала земја има да понуди толку многу. Се радувам и горда сум на сите млади и успешни амбасадори на културата, уметноста, спортот кои постигнувајќи индивидуални успеси, прават огромна промоција на нашата земја во светот - додава виолинистката.

Мастер-студии во Женева кај виолинистот Сергеј Островски

Сега е запишана на мастер-студии во Женева, Швајцарија, кај еминентниот педагог и врвен виолинист Сергеј Островски.
- Тоа ми беше уште од 2017 година. Пресреќна сум што во силна конкуренција успеав да влезам и да добијам место на Женевскиот универзитет во класата на овој професор.



Да се надградува знаењето под менторство на еминентен педагог е од непроценливо значење за секој уметник - вели таа.
Сепак, поради нејзините работни обврски, најголемиот период од годината ќе биде во Македонија, а во Женева ќе патува повремено.

- Секако, тоа ќе се комбинира и со онлајн наставата поради пандемијата. Некои од теоретските предмети ќе можам да ги следам од тука зашто Универзитетот „Еуропа Прима“ потпиша меморандум со Женевскиот универзитет - објаснува Ева.



Фото: приватна архива
Подготвил: Радмила Заревска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема