X
 02.03.2021 Живот

Колку шуми се сечат низ светот за земјоделските производи?

Нова анализа покажува дека седум земјоделски производи - говедско месо, палмино масло, соја, какао, гума, кафе и дрвени влакна - предизвикале сечење на 26% од шумите во светот од 2001 до 2015 година. Овие производи замениле 71,9 милион хектари шума, односно над двојно поголема површина од Германија. Анализата била направена од страна на Светскиот институт за ресурси.

Оттаму проценуваат дека над една четвртина од тропските шуми и нешто помалку од половина од шумите во предели со умерена клима биле исечени за производство на некакви производи во историјата на човештвото. Денес најголем дел од шумите што се сечат се во тропските предели, а причината за тоа е ширењето на фармите и плантажите.

Анализата на Светскиот институт за ресурси покажува дека чувањето говеда најмногу придонело за сечењето на шумите, односно дури 45,1 милиони хектари од 2001 до 2015 година. Тоа е површина колку Шведска. Поради палминото масло, исечени се 10,5 милиони хектари шума во тој период, а поради сојата, 7,9 милиони хектари. Следуваат какаото, гумата, дрвените влакна и кафето, кои замениле по 2 милиона хектари шума во периодот опфатен во анализата.


Фото: WRI

Палминото масло најмногу придонело за намалување на шумите во Индонезија и во Малезија, додека сојата во јужноамериканските земји Бразил и Аргентина. Сечењето шуми заради одгледување говеда се забележува насекаде низ светот, а најмногу во Јужна и во Централна Америка.

Анализата покажала и дека се намалува сечењето шуми поради палмино масло од 2012, а поради соја од 2004 г. Се забележало намалување и на сечењето шуми поради производство на дрвени влакна и гума, иако не биле достапни информации за сите земји.

Не било забележано намалување на сечењето шуми поради одгледување говеда во периодот од 2001 до 2015, а нема значаен напредок и во поглед на производството на какао и кафе.

Автори: Микаела Вајси и Елизабет Дау-Голдман
Извор: weforum.org
Фото: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот