X
 02.09.2018 Наша тема

Не е важно колку ќе заработите на студентска работа лете во странство, искуството е непроценливо!

Можноста за нови авантури, запознавањето нови луѓе и култури, шансата да се работи во развиени организации со јасна поделба на одговорности, можноста за заработка – ова се придобивките од програмите work and travel - вели Љубомир Стојчески, дипломиран електроинженер, кој четири години работел во САД


Да се биде студент, значи да се има многу обврски. Студентот треба да се фокусира на учењето, на навременото завршување на обврските, полагањето испити, завршувањето семинарски работи. Можеби највозбудливата работа и искуство што може да ви се случи додека студирате е да отпатувате некаде, да одите да работите, а и да се прошетате. Ова искуство го споделуваат веќе дипломирани студенти кои одлучиле неколку години од своето студирање во лето да го напуштат домот и да работат во странство.
Изборот најчесто е некоја сојузна држава во САД, а во Европа најмногу се посетува Германија.

Големиот Кањон во САД

Шанса да се работи во развиени организации

Скопјанецот Љубомир Стојчески, електроинженер, некогашен студент на ФЕИТ, четири лета по ред работел во САД во периодот од 2009 до 2012 година. Ангажманот му бил одржување тениски терени.

- Работев на островот Нантакет, во Масачусетс. По завршувањето на работниот летен период, а пред враќањето во Македонија, имав шанса неколку пати да ги посетам Њујорк, Чикаго, Бостон, Вашингтон, Филаделфија, Лос Анџелес, Сан Франциско, Сан Диего, Лас Вегас, како и националните паркови Големиот Кањон и Јосемити – вели Стојчески.

Тој ни објаснува дека главна мотивација да го избере овој начин за да летните одмори била желбата да запознае нови луѓе и да види нови земји.
Можноста за нови авантури, запознавањето нови луѓе и култури, шансата да се работи во развиени организации со јасна поделба на одговорностите, можноста за заработка – ова се придобивките од ваквите програми, вели Стојчески.

- Дефинитивно препорачувам секој млад човек барем еднаш да замине на летна работа во странство. Тоа е исклучителна можност да се видат нови и различни општества и култури – вели тој.

Биг Сур во Калифорнија

Го прашавме дали имал проблем да се приспособи по враќањето дома.
- Единствен проблем ми беше што веднаш морав да започнам со учење и подготвување колоквиуми, па немав време за вистински одмор – признава Љубомир.

Запознавање луѓе од цел свет

Кавадарчанецот Бојан Пашоски, дипломиран професор по физичка култура и спорт, три години работел на брод. Импресивна е листата со местата каде што ги посетил благодарение на програмата - Њујорк, Њу Џерси, Делавер, Пенсилванија, Луизијана, Флорида, Јужна Каролина, Вирџинија, Мексико, Бахами, Аруба, Бонер, Курасао, Гранд Турк, Порторико, Доминиканска Република, Свети Мартин, Свети Томас, Јамајка, Мартиник, Свети Кристофер и Невис, Барбадос, Гренада, Антигва, Тринидад и Тобаго, Света Луција, Бермуди...

Бакнеж од делфин на Бахамите

Идејата за да тргне на еден ваков предизвик му била желбата да посети што е можно повеќе места во светот и да види како се живее таму.
- Топло препорачувам секој да ги доживее и да ги искуси тие месеци, без разлика дали ќе успее да заработи. Тоа искуство не се заборава и се запознаваат луѓе од цел свет – вели тој.
Тој се шегува и вели дека за да се вратиш „во нормала“, потребни се онолку денови колку што месеци си престојувал во странската држава.


Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема