X
 03.03.2024 Колумни

Колумна: Можностите и заканите на гиг-економијата

Главниот предизвик на властите е да создадат услови во кои гиг-работниците ќе имаат корист од подобрените ефикасност и продуктивност што ги создаваат дигиталните платформи, истовремено приспособувајќи ја неформалната димензија кон генерирање вредност во формалната економија. Бидејќи најголем дел од приходите генерирани во гиг-економијата остануваат непријавени, друг предизвик е воспоставување праведно оданочување кое би обезбедило учество на гиг-работниците во системот на социјална заштита. Во овој контекст, постои широк простор за подобрување особено кај земјите во развој со цел да се преземат информирани одлуки засновани врз сознанија.

Автор: проф. д-р Димитар Николоски, Економски факултет - Прилеп, УКЛО

Светската економија минува низ длабоки промени како резултат на различни фактори, како што се технолошкиот развој, дигитализацијата и глобализацијата. Технологијата стана неизбежен дел од нашиот секојдневен живот. Речиси сите користиме паметни телефони, ја ползуваме помошта од компјутерите вградени во многу машини, силно се потпираме врз информациите од интернетот итн. Се чини дека како никогаш порано, светот прераснува во глобално село каде што луѓето лесно и слободно комуницираат. Последната епизода на пандемијата на ковид-19 уште повеќе ја потенцира улогата на новите технологии во можноста за комуницирање и работење на далечина. Овие тенденции се чувствуваат и кај пазарите на труд, кои се принудени брзо да се приспособуваат. Имено, сведоци сме на пораст на т.н. нестандардни облици на вработување со посредство на дигитални (онлајн) платформи кои денес се познати под називот „гиг-економија“ 1.

Постојат различни дефиниции за „гиг-економија“, а самиот назив „гиг“ претставува сленг и се однесува на тезга, т.е. работа која трае ограничен период и има привремен карактер. Гиг-работењето вклучува работни ангажмани кои ги извршуваат поединци како што се фриленсери, независни контрактори, подизведувачи, работници на проекти и привремено вработени, т.е. вработени на определено време. Според тоа, гиг-работа претставува размена на труд за соодветен надомест меѓу поединци или компании преку дигитални платформи кои посредуваат во поврзувањето на клиентите со провајдерите во ограничен период, а плаќањето е според извршената задача. Гиг-економијата се состои од три типа агенти. Прво, индивидуалните работници кои се платени за нивната работа на некоја специфична задача; второ, потрошувачите кои имаат потреба од специфични услуги; и трето, посредувачки компании кои ги поврзуваат работниците со потрошувачите.

Гиг-економијата ги предизвикува принципите на традиционалната економија заснована врз доминантно вработување со полно работно време, каде што работниците се фокусирани на нивниот кариерен развој. Наместо тоа, се одомаќинуваат привремените и флексибилни работни места, а компаниите настојуваат да вработуваат независни контрактори (подизведувачи) и фриленсери наместо вработени со полно работно време. Затоа, може да се зборува за воведување нова парадигма во економијата и особено во сферата на пазарот на труд која го преобликува досегашното разбирање за работните односи. Бидејќи гиг-економијата е релативно нов концепт, постојат низа прашања и дилеми кои наметнуваат дискусии. На пример, додека едни автори ги истакнуваат неисцрпните можности кои ги генерира овој концепт, други ги критикуваат последиците од заобиколување на трудовата регулатива и користење законски празнини. Имено, брзиот развој на гиг-економијата создава еднострана флексибилност само кај работниците кои се соочуваат со зголемен ризик од несигурно вработување и отсуство на права кои произлегуваат од работниот однос.
Опфатот на гиг-економијата не е најпрецизно определен со оглед на тоа што различни видови работници можат (или не можат) да се сметаат за гиг-работници во зависност од усвоената дефиниција. Генерално постојат три мерки за бројот на гиг-работници. Најтесната мерка ги вклучува независните контрактори (подизведувачи), консултантите и фриленсерите. Во средната мерка, покрај горенаведените, вклучени се вработените преку агенции и работниците на повик. Најшироката мерка ги зема предвид претходните категории плус вработените на определено време во компаниите. Најголемиот дел од гиг-работниците го комбинираат гиг-работењето со други видови работа а понекогаш гиг-работењето може да се јави како период за премостување пред да се добие трајна работа. Според Еуроњуз, се проценува дека во 2023 година околу 435 милиони лица низ целиот свет биле вклучени во различни облици на гиг-работење, што претставува зголемување на побарувачката за гиг-работа од 41% во однос на 2016 година.

Растот на гиг-економијата во последните неколку години е поттикнат од повеќе фактори кои ја објаснуваат зголемената побарувачка на потрошувачите (поединци и компании) за користење потребни услуги. Во овој контекст, брзиот развој на информатичката технологија придружена со можноста за пристап до глобалните пазари покрена дебата во академскиот свет и кај креаторите на политики за нејзината улога во општеството. Имено, дигиталните технологии претставуваат значаен генератор на промени во доменот на вработувањето. Интернетот создаде широка лепеза на можности за вработување преку обезбедување полесен пристап до глобалниот пазар и креирање нови облици на водење бизнис. Според ОЕЦД, постојат повеќе ефекти на интернетот врз вработувањето. Прво, се креираат нови работни места кои директно се поврзани со развојот на технологијата и новите бизнис-екосистеми. Второ, извесен број работни места се трансформираат во согласност со потребите на новите технологии. Трето, некои работни места се преселуваат во меѓународни рамки преку можноста за аутсорсирање на одредени задачи и постигнување предности преку заштеда на трошоци. Четврто, некои работни места згаснуваат како резултат на тоа што во извршувањето на задачите технологијата ги заменува луѓето.

Масовното проширување на гиг-економијата во глобални рамки покрена низа регулаторни прашања, како и потреба од реконцептуализација на социјалната заштита на работниците во оваа сфера. Бидејќи глобалните пазари настојуваат да го заобиколат оданочувањето, што резултира со неформалност во националните економии, многу земји настојуваат да го решат овој проблем преку следење на плаќањата од страна на даночните власти. Освен тоа, гиг-работењето наметнува повторно разгледување на социјалната заштита, притоа обезбедувајќи барем минимално ниво на социјално осигурување како што се надоместоци за невработеност, здравствено осигурување и платено породилно отсуство. Како резултат на ерозијата на концептот за социјална сигурност кој е карактеристичен за традиционалните облици на вработување, работниците во гиг-секторот сѐ повеќе се позиционираат до работниците во неформалниот сектор. Имено, опасноста се гледа во трендот на назадување на работничките права, преку губење на придобивките кои се веќе остварени во однос на капиталот. Во овој контекст, некои земји веќе преземаат извесни измени во своето законодавство, но имајќи предвид дека станува збор за нова материја, како и нејзината комплексност, ќе биде потребно подолго време додека се воспостават и применат соодветни глобални и национални регулативи.

Според некои автори, гиг-економијата може да го поттикне економскиот развој во помалку развиените земји преку стимулација за креирање нови работни места и пораст на животниот стандард. Имено, во економиите каде што постојат високи стапки на невработеност и релативно слаби економски и политички институции, меѓународната економска размена преку дигиталните платформи може да ги стимулира фриленс-работењето и микропретприемништвото, на тој начин создавајќи предуслови за нови работни места. Кај земјите во развој, гиг-работењето преку дигитални платформи може да премести некои од работниците на подобри и поплатени работни места, но не и кон формално вработување бидејќи во овие земји недостига институционален капацитет за следење на гиг-пазарот. На тој начин значителен број од гиг-работниците се соочуваат со реалноста на долго работно време, отсуство на социјално осигурување и зголемен стрес кој произлегува од нерегуларниот карактер на работата. Од друга страна, властите гледаат на гиг-вработувањето како начин за ублажување на високата невработеност и подобрување на животниот стандард, а ако кон ова се додаде отсуството на политичка волја за справување со овој сегмент од економијата, тие оставаат гиг-пазарот да функционира како неформализиран.

Сѐ на сѐ, постојат многу „за“ и „против“ гиг-економијата со оглед на тоа што работниците во овој сегмент се соочуваат со низа предизвици. Од една страна, гиг-економијата може да се смета за домен кој овозможува поединци да профитираат преку пристапување до побарувани услуги. Тоа е придружено со поголемо ниво на флексибилност и редуцирање на пречките за влез на работниците што, вообичаено ги турка надолу платите и цените во погодените дејности. Освен тоа, гиг-економијата има потенцијал за генерирање индиректни ефекти во други дејности преку меѓусебно поврзување на компаниите во синџирите на додадена вредност.Од друга страна, гиг-економијата е критикувана поради растечката алиенација (отуѓување) на гиг-работниците, што се манифестира преку значителен степен на губење моќ и изолација. Главниот ризик со кој се соочуваат овие работници е недостигот на сигурност, можности за кариерен напредок и финансиска стабилност, што е карактеристично за традиционалното вработување. Освен тоа, преку трансфер на ризикот од работодавците кон гиг-работниците се создава поголема варијација во неделниот број работни часови, што негативно се одразува врз балансот меѓу работата и слободното време.

Без оглед на тоа што технологијата овозможува нови обрасци на работење, властите треба да обезбедат фер услови за сите засегнати страни во гиг-економијата. Тоа го покренува прашањето за соодветноста на тековната законска рамка за работни односи со цел да се одговори на потребите од работниците кои се надвор од традиционалниот модел на вработување. Главниот предизвик на властите е да создадат услови во кои гиг-работниците ќе имаат корист од подобрените ефикасност и продуктивност што ги создаваат дигиталните платформи, истовремено приспособувајќи ја неформалната димензија кон генерирање вредност во формалната економија. Бидејќи најголем дел од приходите генерирани во гиг-економијата остануваат непријавени, друг предизвик е воспоставување праведно оданочување кое би обезбедило учество на гиг-работниците во системот на социјална заштита. Во овој контекст, постои широк простор за подобрување особено кај земјите во развој со цел да се преземат информирани одлуки засновани врз сознанија. Пред сѐ, не е јасно дали гиг-економијата води кон намалување на сиромаштијата и подобрување на животниот стандард на населението или кон растечка нееднаквост и експлоатација. Затоа, останува отворено прашањето - ќе прерасне ли гиг-економијата во движечка сила која ќе ја обликува иднината на работењето и на кој начин ќе се вклопи во водечките бизнис-модели?

1. Nikoloski et al. (2023) “The Gig Economy in the post-COVID Era”, Chapter in Facilitation in Complexity, From Creation to Co-creation, from Dreaming to Co-dreaming, from Evolution to Co-evolution, Springer, 2023, pp. 93-117;

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни