X
 04.11.2019 Образование

Белградски ученици собираат отпад за да ги платат трошоците за матурската

Учениците од четврта година при Филолошката гимназија во Белград, италијанско-шпанска насока (класот IV-6), почнале еколошко-хуманитарна акција за да придонесат за намалување на количеството отпад околу училиштето и да им помогнат на учениците што не се во можност да го платат она што им е потребно за матурската вечер.

Трошоците за матурската вечер за 23 ученици се околу 160.000 динари (околу 84.000 денари), а тие пресметале дека треба да се соберат 55.000 динари (околу 29.000 денари) и за учениците со полоша материјална состојба да можат да си го дозволат тоа.

- Идејата е на децата, а и порано сме правеле слични работи бидејќи постојано се собираа пари за такви работи. Децата дури и одржуваа работилници, часови за основци - истакнува Билјана Браниќ-Латиновиќ, класна раководителка.

Таа констатирала дека тоа е многу интересна идеја, иако за неа не е потребен многу труд бидејќи гимназијата е сместена во област што е прилично нечиста.

- Идејата е да се исчисти местото пред училиштето и така да се соберат пари за околината да биде без отпад и да се овозможи сите ученици да одат на матурската вечер - вели Браниќ-Латиновиќ.

Според неа, нема основа за тврдењата дека секоја генерација средношколци е полоша бидејќи тоа го демантираат овие средношколци.

Ученичката Ања Ковачевиќ, која е еден од иницијаторите на акцијата, истакнува дека е важно да се покаже солидарност меѓу учениците, да си помагаат и дека само треба да се пронајдат начини за тоа.

- Матурската вечер веројатно е последната кога ќе бидеме сите заедно и треба да го организираме тоа, како што направивме и минатата година за екскурзијата - истакнува таа.

Учениците се песимисти околу успехот на акцијата за собирање пари бидејќи знаат дека откупната цена е мала - за еден килограм лименки е 74 динари (38,67 денари), а за пластични шишиња 23 (12 денари). Сепак, тие се надеваат дека со нивната акција луѓето ќе се освестат и ќе водат сметка за заштита на животната средина, но и дека ќе се вклучат и други училишта.

Ученикот Радомир Врањковиќ е еден од само четирите момчиња во традиционално „женскиот“ клас, кој поради тоа и е физички ангажиран да ги носи полните кеси. Тој вели дека не е проблем да се собира отпадот и дека со тоа треба да им се даде пример и на другите, не само на учениците, туку и на граѓаните.

- Другите класови, кои знаат за што станува збор, треба да се приклучат кон оваа акција. Оние што не знаат ќе видат дека во дворот на Филолошката гимназија се поставени канти на кои пишува „хартија“, „пластика“, „метал“ - вели Врањковиќ.

Собирањето пластика и лименки, колку и да е добро осмислена акција, без ничија помош, сепак не е лесна работа. На почетокот акцијата им донела само 500 динари, но учениците и класната не губат надеж, веруваат дека акцијата ќе се прошири и ќе стане масовна, како и дека малата откупна цена ќе биде надоместена со поголем одѕив.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование