X
 05.01.2023 Наша тема

„Симулациите во тренинг-центарот за медицина се клучни за идните доктори“, вели Елена Ташева, студент на Медицинскиот универзитет во Пловдив

Медицинскиот универзитет во Пловдив располага со една од најдобрите универзитетски болници во Бугарија поради начинот на кој се пренесува знаењето - преку симулациски тренинг-центар и многу практична настава, која не беше прекината ниту во пандемијата на ковид-19.

Овие методи на професорите лекари во срцето на Бугарија привлекуваат студенти од целиот свет, а атрактивната дестинација за квалитетно образование била можност и за Елена Ташева од Струмица, која е четврта година на медицина на универзитетот во Пловдив.

Елена овие денови се врати во Струмица искористувајќи ја паузата на факултетите поради празниците, но веднаш подготвува нови испити за јануарската испитна сесија затоа што студирањето медицина во Пловдив значи посветеност, труд, многу непроспиени ноќи и голема желба.

- Со многу труд и голема желба може да се постигне нешто, најважно е да знаеме каде сакаме да стигнеме и да ги знаеме нашите цели. Нема ништо лесно, но со добра мотивација и организација секој може да се реализира. Тешко е сѐ до моментот кога човек ќе сфати дека бил подобар од вчера. Тогаш ги креваш критериумите и гледаш да бидеш сѐ подобар - вели Ташева.



Елена добила препорака од своите блиски пријатели да студира на универзитетот во Пловдив наместо во Софија. Откако истражила на интернет, решила да аплицира и да полага приемни испити во Софија.

- Решив да го прифатам предизвикот - нова земја, општество и јазик. Кога аплицирав, како критериуми се земаа успехот од средно, успехот од државната матура и резултатите од приемниот испит, кој се состоеше од бугарски јазик и литература и бугарска историја и цивилизација. Во Софија се одржа испитот, со тоа што секој кандидат имаше можност да напише пет места на кои има желба да студира. Од резултатите се знаеше на кое место ќе можеме да студираме. Ако имаш најмногу поени, го добиваш најдобриот што си го одбрал од листата со пет универзитети – објасни идната докторка и додаде дека по пандемијата правилата за упис биле изменети и сега студентите за прием полагаат и биологија и хемија.

Струмичката студентка позитивно била изненадена од она што ја дочекало таму. Универзитетска база во која студентите може да учат, да користат нови методи, универзитетски болници и оддели во кои изведуваат практична настава за да може одблизу да ја следат работата на професорите и да им биде полесно да ја изберат идната специјализација.



- Студирањето се состои од десет семестри плус два семестри преддипломски стаж. Во таа последна академска година имаме стаж и имаме шест државни испити. Секој семестар почнува на 15 септември и завршува на 23 декември, а потоа почнува испитна сесија. Вториот семестар е од 7 февруари до 27 мај, а потоа следува јунска испитна сесија. Испитите се на строго фиксирани датуми, ги утврдуваат претставниците на студентите заедно со катедрите, а потоа се потврдени од раководството на факултетот. Зависно од семестарот, имаме сесии со по два испити, но имаме и сесии во кои имаме по девет-десет испити. Тежината на секој испит е речиси еднаква затоа што секој има практичен дел, имаме тест, теорија и многу често нашите испити завршуваат со усно испрашување. Секој испит има четири дела. Немаме колоквиумска недела како во Македонија, туку колоквиумите се на различни датуми во зависност од предметот – раскажува Елена за начинот на студирање во Пловдив.

Практичната работа се одвива во симулацискиот тренинг-центар за медицина (МСТЦ) во Пловдив, кој е опремен со најмодерна техника и признат од Американскиот колеџ на хирурзи (АЦС), кој пак е најголема професионална организација на хирурзи во светот.

- Од трета година па нагоре имаме пракса од 30 дена, по 15 дена на одделение, како за внатрешни болести така и на хирургија. Дури и по време на ковид-пандемијата не бевме исклучени од наставата и не ја следевме онлајн, туку редовно учевме во центарот за симулации.

На факултетот за медицина пракса се изведува уште во прва година, и тоа за предмети кои се повеќе теоретски, како што се хемија и биофизика. Практична настава имаме за секој од предметите што ги изучуваме: хематологија, неврологија, кардиологија, ревматологија, хирургија – открива младата студентка од Струмица.



Елена го потенцираше и односот на професорите, асистентите и доцентите, кои како големи професионалци им го пренесуваат знаењето на студентите, а особено внимание им посветуваат и на студентите кои ќе пројават поголем интерес за анализирање и научни проекти.

- Нивната отвореност има големо влијание врз нашата мотивација за учење. Колку повеќе професорите се залагаат за нас, толку повеќе ние се трудиме. Мило им е кога ќе разбудат некој интерес кај нас за изработка на некоја студија, анализа или научен проект – истакна таа.

Студентите од Македонија имаат право на стипендија, која се одредува според успехот и просекот од положени испити. Се аплицира двапати годишно со просекот од претходните два семестри и со уверение дека сите испити се положени. Стипендијата се добива месечно и според Елена, таа е доволна да се покријат поголемите трошоци за студирање.

- Стипендијата е месечно 240 лева, или 125 евра. Ако студентот има стипендија, може да ги покрие поголемите трошоци за месецот, како што е студентскиот дом кој чини 50 евра со покачувањето, инаку беше 40-45 евра, во зависност од бројот на денови во месецот. Со стипендијата може да се покријат и сметката за телефон и месечната карта за студенти за градски превоз, која е 8 евра или 500 денари. Во студентскиот дом и во факултетот имаме кантина за која имаме картички за попуст на храна. Месечно се потребни околу 350 евра и во оваа сума не ја вклучувам набавката на книги и материјали - открива Елена.



Специјализацијата е по шестата година на студии и се отвораат по неколку места за специјализација низ цела земја. Но, Елена има време да размисли во која област ќе го усовршува своето образование и која гранка ќе ѝ стане специјалност, а засега желбите се кардиологија, радиологија и хематологија.

- Знаењата стекнати досега преку праксата ми даваат шанса за реализација на она што го сакам. Но, има време дотогаш. Од досегашното искуство заклучив дека сум го направила вистинскиот избор за студирање медицина на универзитетот во Пловдив, кој ми го промени погледот на светот. А, пак, членството во Асоцијацијата на студенти по медицина (АСМ-Пловдив) во Пловдив ме направи посестрана личност и ни даде можност да реализираме наши студентски идеи и покрај тоа што сѐ уште не сме лекари, ни даде можност да го информираме општеството – коментира идната докторка без да открие дали Македонија или некоја друга земја ќе има бенефит од нејзиното знаење од престижниот факултет за медицина во Пловдив.

Фото: приватна архива
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема