X
 05.11.2020 Живот

Девојката што ги бомбардирала нацистите со авион за опрашување

За време на Втората светска војна Евгенија (Женја) Руднева, 20-годишна студентка по астрономија во Москва, му се придружила на новосоздадениот женски полк на Воздушните сили на СССР. Во дневникот Евгенија нуди редок поглед на нејзиниот живот во полкот, каде што девојките летале со авиони „По-2“ и ги бомбардирале нацистите навечер.

Женја им се приклучила на Воздухопловните сили на СССР во 1941 година, на само 20 години.

- Денес отидов на Универзитетот и го видов моето име на листата со прифатени кандидати. Оваа година Школата за механика и математика прифати 92 млади жени, што е извонреден број! Утрото пристигнав на Универзитетот. Оттаму бев испратена во Комсомол (Ленинистички комунистички младински сојуз) каде што младите жени волонтираат за армијата - пишува Женја во нејзиниот дневник.

1

Во СССР жените не смееле да се борат во војната до 1941 година. Истата година, Марина Раскова, познат пилот, го убедила Сталин да создаде три полка, два мешани и еден составен само од жени.

- На пат сум кон кампот за обука. Кампот е далеку од Москва, речиси 600 километри источно. Се припивме една до друга и се покривме со ќебиња, така што ни беше доста топло. Патувањето со возот беше забавно. Има воен доктор, кој нѐ третира како да сме деца - пишува Женја.

1

Таа била обучена да стане главен навигатор. Девојките навечер летале за да ги бомбардираат нацистите. Германците ги нарекувале „ноќни вештерки“.

- Првпат во мојот живот летав цели 10 минути. Се чувствувам како повторно да сум родена. Сега светот го гледам сосема поразлично. Се исплашив од помислата дека може да го поминам целиот живот без да летам - пишува Женја.

Нејзиниот полк пристигнал на борбените линии во 1942 година. Тие често се соочувале со притисокот од машките пилоти, како и вниманието од медиумите.

- Луѓето што читаат вести ќе мислат дека сум некаков вид херој. Тие можат да мислат што сакаат, но јас сакам вие да знаете дека сум истата, само стареам. Веќе имам 22,5 години - пишува во писмото на Женја испратено до нејзините родители.

На жените-пилоти им биле дадени авиони „поликарпов По-2“, кои не биле за борба, туку за опрашување на културите. Немале радио, ниту оружје и гореле како кибрит. Но, нивниот мотор бил многу тивок, па затоа ги користеле како ноќни бомбашки авиони.

3

За секоја мисија бил потребен околу еден час. Девојките се враќале во базата, полнеле гориво и повторно заминувале. За време на долгите зимски ноќи екипата успевала да реализира по 15 мисии.

- Ќе биде тешко по војната да се носат само хулахопки. Во моментот носам гаќи, панталони и волнени чорапи. Се облекувам како момче. Немојте да мислите дека ми е лесно да бидам одделена од вас. Ми недостигате. Од помислата дека некој сака да ме види жива по војната чувствувам топлина - пишува Женја во писмото до нејзините родители.

4

Полкот изгубил 32 члена. Во април 1944 година бил соборен и авионот на Женја. Таа го изгубила животот заедно со Пана Прокофјева, во северните делови на Керч.

5

По војната, ветераните од нејзиниот полк организирале средби на секој 2 мај во Москва. Писмата на Женја и нејзиниот дневник биле објавени во 50-тите години. Во 1972 година астероид од Сончевиот Систем бил именуван по неа и се вика Руднева.

Извор: ВВС
Фото: Screenshot/BBC | Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот