X
 09.02.2019 Култура

Денот кога нацистите по грешка ја бомбардирале Германија

Во секоја работа се прават грешки, така што не е чудно што грешки се правеле и во минатото, па и во војна. Особено во Втората светска војна, кога не било лесно без радар или навигациски систем. Една од најголемите грешки што им се случила на нацистичките вооружени сили Луфтвафе била кога ги бомбардирале своите луѓе во градот Фрајбург.

На 10 мај 1940 година почнала германската инвазија на Франција. Поручникот Пол Сидел се подготвувал да полета од воздухопловната база Ландсберг-Лех со неговата ескадрила. Планот бил да се бомбардира францускиот град Дижон, а во случај работите да тргнат наопаку, имале уште една цел - аеродромот Доле.

Во тие години навигацијата била прилично несигурна, а тремата на пилотите можела целосно да ја уништи мисијата. Затоа на пилотите им биле дадени јасни инструкции што би требало да им помогнат, а тие биле - да ја следат реката Рајна. Додека летале, се изгубиле, а во летот меѓу облаците над германскиот град Фрајбург биле 100 отсто сигурни дека се наоѓаат во Франција и дека метата им е на видик. Пред 16 часот авионите „хеинкел Хе 111“ почнале да испуштаат бомби. Поточно, испуштиле 69 бомби.

1
Фото: Фрајбург, 1944 година


Градската противвоздушна одбрана била целосно неподготвена за нападот. Тие ги виделе нацистичките авиони и помислиле дека се на пат кон Франција. Воопшто не го очекувале нападот. Нивните бомби паднале во близина на железничката станица и убиле 57 луѓе.

Нацистите не сакале да признаат дека битката за Франција ја почнале со таква грешка, па нападот го претставиле како непријателски. И тоа не било каков било напад, туку брутално насилство со намера да се повредат невооружени цивили. Наредниот ден во локалните медиуми пишувало дека станува збор за злобен, кукавички воздушен напад против сите закони на човештвото и меѓународното право. Седум месеци подоцна за нападот на цивилите во Фрајбург, Хитлер го обвинил Винстон Черчил.

Иако нивните воени претставници продолжиле да тврдат дека тоа било сојузнички чин, вистината некако излегла на виделина. Истражувањата на истакнати историчари ги натерале да ја прифатат вистината. Така, во 1980 година познатиот полковник Јозеф Камхубер изјавил дека е очигледно дека нападот на Фрајбург бил погрешно изведен од страна на единицата III/KG 51. По 45 години од катастрофата градоначалникот Ролф Бохм ја претставил спомен-плочата посветена на жртвите во битката за Франција. Се наоѓа во близина на игралиштето Хилда, каде што во нападот загинале 20 деца.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура