X
 06.01.2020 Живот

Показна вежба на новата финска премиерка за подобар свет и посреќни луѓе

Новата финска премиерка Сана Марин од декември се обидува да воведе флексибилно работно време од 6 часа и работна недела која би траела 4 дена.

Сана Марин на 34-годишна возраст стана премиерка и како најмлада жена во светот на таа позиција привлече големо внимание од светските медиуми. На чело на сите пет партии во финската влада сега се жени. Коалицијата на Сана бараше тестирање на новото работно време на 120. роденден на Социјалдемократската партија.

- Верувам дека луѓето заслужуваат да поминуваат повеќе време со своите фамилии, со луѓето што ги сакаат, занимавајќи се со хоби и други аспекти од животот, како култура. Ова би бил следниот чекор за нас во деловниот живот - рече премиерката.


Фото: Noizz

Финска делумно веќе применува флексибилни работни распореди откако во 1996 година усвои договор за работно време кој на повеќето вработени им дава право да го приспособуваат нивното вообичаено работно време, почнувајќи или завршувајќи три часа порано или подоцна од предвиденото.

Во Шведска, на пример, каде што работното време од 6 часа се применува уште од 2015 година, резултатите покажале дека вработените се посреќни, побогати и попродуктивни, а клиентите и купувачите исто така станале позадоволни.

Марин во нејзината новогодишна честитка истакна дека силата на Финска лежи во луѓето и нивното знаење и истакна дека за успехот на таа држава клучно е образованието. Таа најави и дека платите на помалку богатите Финци ќе се зголемат за 70 отсто.

- Силата на општеството не се мери со богатството на неговите најбогати членови, туку со тоа како живеат најзагрозените граѓани. Прашањето што мораме да го поставиме е дали сите имаат шанса да живеат достоинствено - истакна премиерката.

Таа додаде и дека сака од Финска да направи финансиски одговорно, праведно и еколошки одржливо општество.

Откако Сана Марин почнала да се занимава со политика во 2006 година, нејзиниот напредок бил многу брз. На само 27 години таа била на чело на советот на Тампере, вториот најголем фински град, а во парламентот влегла во 2015 година.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот