X
 06.07.2023 Живот

За ХПВ-инфекциите и третманот, објаснува д-р Симонида Котларова-Попоска

Рак на грлото на матката - на глобално ниво е на четврто место по честота како тип на рак. Претставува најчеста причина за смрт од рак кај жените. 

Приближно 70% од сите случаи се јавуваат во земји во развој. Во неразвиените држави е најчестата причина за смрт од рак, а во развиени земји, распространетата програма за скрининг значајно ја редуцира инциденцата на појава. Настанува како резултат на абнормален раст на клетките на овој дел на матката, кои добиваат способност да се шират и да инвадираат. Раните стадиуми се обично асимптоматски. Подоцна се јавуваат симптоми како што се: абнормално вагинално крвавење, пелвична болка или болка и крвавење за време на сексуален однос.

Превенцијата и раното откривање се многу значајни за оваа болест. ПАП-прегледот е евтин, едноставен за земање, а дава многу информации за состојбата на грлото на матката. Се смета дека инфекција со Хуман папилома вирус (ХПВ) е вклучена во развојот на повеќе од 90% од случаите на цервикален рак. Овој вирус се докажува со помош на брис за ХПВ-типизација. Има ниско (предизвикуваат генитални брадавици, т.н. кондиломи) и високоризични ХПВ-вируси (овие се обвинуваат за појава на карцином на грлото на матката). Во Европа, ова влијае на 205.000 жени годишно, од кои повеќето се во групата од 25 до 30 години. Со ХПВ вирусна инфекција може да се зафати и вулвата, вагината, анусот, пенисот кај мажите, грлото и устата. Се смета дека повеќе од 600 милиони луѓе се заразени со ХПВ вирусна инфекција барем еднаш во животот.



Терапевтски, против вирусот, може да се интервенира преку зајакнување на имунитетот, општ и локален. Во поново време има топични лекарства кои ја подобруваат локалната одбрана на вагината и помагаат во нејзината заштита. Бета-глуканите се општо познати како имуномодулатори, што значи дека предизвикуваат реакции што му помагаат на имунитетот со цел негово зајакнување. Бета-глуканот учествува и во производството на матични клетки во коскената срцевина и во производството на крвните клетки - леукоцити, тромбоцити и еритроцити. Единствениот начин да се снабди организмот со бета-глукан е преку храната бидејќи не го создава сам. Бета-глуканите се јаглехидратни молекули кои нормално ги има во габите, квасците, поединечни бактериски соеви и житарици како овес, зоб и јачмен. 

Нивната структура е составена од голем број молекули на D-глукоза кои се поврзани меѓусебно со 1-3 бета-гликозидни врски во синџир, таканаречен „скелет“ кој се разгранува со синџири на D-глукоза поврзани со 1-4 или 1-6 бета-гликозидна врска. Во зависност од бројот на молекули, видот на врската и структурата на скелетот се идентификуваат различни видови глукани со нивен различен биолошки ефект. Па така разликуваме бета-1,3/1,6-D-глукани, најчесто изолирани од квасци или габи, потоа бета-1,3/1,4-D-глукани, изолирани од житарици, зоб и јачмен. Колку е посложена молекулата на бета-глуканот, вклучувајќи ја и должината на полисахаридниот синџир, разгранетоста и должината на страничната верига, имуномодулаторот се смета за попотентен. Докажано е дека бета-(1,3)/(1,6)-D-глуканите, односно оние што се добиени од квасци и габи, имаат посилно биолошко влијание врз нашиот имунолошки систем отколку бета-(1,3)/(1,4)-D-глуканите добиени од зоб или јачмен. Молекулата на бета-глуканот изолирана од габата буковка има изразено разгранет облик со кратки синџири на D-глукоза поврзани со 1,6-бета гликозидна врска на скелетот, затоа има силно стимулаторно дејство врз вродениот имунолошки одговор, односно на макрофагите, неутрофилите и лимфоцитите, како и многу ефикасно антиканцерогено дејство.

Бета-глуканот со векови се користи во традиционалната источна медицина за зајакнување на имунитетот, а во Јапонија е официјално е признат како лек од 1983 година. На Запад, неговите ефекти сè уште се анализираат и се проучуваат, но досегашните истражувања и тестирања покажаа многу охрабрувачки резултати. Во последните 20 години бројот на истражувања кои го потврдуваат позитивното имуномодулаторно дејство на бета-глуканите врз имунолошкиот одговор ја надминува бројката од 20.000 објавени научни трудови кои бета-глуканот го ставаат на прво место меѓу денес познатите имуноглукани. Тие се потполно безбедни за употреба кај човекот. Општите препораки за употреба на бета-глуканите се однесуваат на нивното превентивно дејствување, со цел да се спречи развој на вирусни и бактериски инфекции, а и хронични болести.



Карбокси метил бета-глукан е најзначаен за вагинална употреба и за активирање на клеточен имунитет локално на вагината, и особено е ефикасен против ХПВ вирусната инфекција. Како се употребува локално бета-глуканот? Мора да се искомбинира со гел, поликарбофил кој формира муцински врски со слузокожата и стои врзан до 72 часа. Гелот има и функција на пребиотик и ја намалува киселоста на вагината и така потпомага во обновување на вагиналната флора.

Многу често во вагиналетите се комбинираат и соединенија кои помагаат во овлажнување и заздравување на вагиналната слузница, како што се:
- хијалуронската киселина, која формира слој на гел врз површината на вагиналната слузница и така создава заштитна бариера и соодветни услови за активирање на природни регенеративни и заштитни механизми. Со тоа се подобрува хидратацијата и реепителизацијата.
- глицеритинската киселина ја смирува иритацијата, печењето и чешањето.
- витамин А – ја одржува слузницата и ја потенцира нејзината локална одбрана.

Автор: д-р Симонида Котларова-Попоска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот