X
 09.02.2023 Живот

Шахистите прават полоши потези кога воздухот е загаден

За опасностите што му се закануваат на човештвото од загадениот воздух се направени многубројни истражувања, а сега имаме уште едно, за влијанието врз перформансите на шахистите. Имено, компјутерската анализа на игрите покажува дека шахистите  играат полошо и прават повеќе непотребни или погрешни потези кога воздухот што го дишат е побогат со ситни честички на загадувањето.

Веројатност за грешка

Поточно, веројатноста шахистите да згрешат се зголемува за 2,1 процентни поени, а големината на тие грешки се зголемува за 10,8 отсто. Тоа значи дека почистиот воздух води до почисти глави и поостро размислување, пишуваат авторите на истражувањето „Квалитетот на воздухот во затворените простории и стратегиско одлучување“.

- Кога луѓето се изложени на повисоки нивоа на загаденост на воздухот, тие прават повеќе грешки, а овие грешки стануваат сѐ поголеми - велат истражувачите од МИТ и Универзитетот во Мастрихт.

Сензори поврзани на интернет


Светската здравствена организација проценува дека загадувањето на воздухот доведува до над четири милиони предвремени смртни случаи секоја година од рак, кардиоваскуларни проблеми и други болести.

Истражувачите проучувале повеќе од 30.000 шаховски потези од 121 шахист на три турнири. Тие користеле три сензори поврзани на интернет за мерење на јаглеродниот диоксид, концентрации на PM2,5 и температурите. Бидејќи секој турнир траел осум недели, можело да се испита како промените во квалитетот на воздухот се поврзани со промените во перформансите на играчите.

Пад на перформансите

Во вежбата за репликација, авторите ги откриле истите ефекти од загадувањето на воздухот врз некои од најсилните играчи во историјата на шахот користејќи податоци од 20-годишните игри во првата германска шаховска лига. Перформансите на играчите се мереле со софтверски програми кои го проценуваат секој потег во секој шаховски натпревар, ги идентификувале оптималните одлуки и означувале значајни грешки.

Истражувачите испитувале и отфрлиле алтернативни потенцијални објаснувања за падот на перформансите на играчите, како што се зголемен шум, нивоа на јаглероден диоксид и температурни промени, и го зеле предвид квалитетот на противниците со кои се соочува секој играч. Анализата на крајот покажала дека падот на перформансите на игрите бил директно поврзан со изложеноста на честички во воздухот.

Влијание врз сознанието


Најлошите потези шахистите ги направиле кога морале да направат 40 потези во рок од 110 минути. Во последните десет потези, извлечени во услови на загаденост на воздухот од 10 микрограми на кубен метар, веројатноста за грешка се зголемила за 3,2 отсто, а големината на тие грешки се зголемила за 17,3 отсто.

Исто така, истражувањето покажува дека загадувањето на воздухот може да влијае врз луѓето во средини каде што можеби не мислат дека тоа прави разлика. Фактот дека дури и шахистите, кои поминуваат безброј часови подготвувајќи се за сите видови сценарија со кои би можеле да се соочат на натпреварите, може да имаат полоши резултати кога загадувањето се зголемува, посочува дека тоа може да влијае врз когнитивноста на другите луѓе што се занимаваат со когнитивно тешки задачи.

Извор: Bug.hr
Фото: Pixabay
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот