X
 09.08.2023 Образование

Бројот на матуранти кои аплицирале за да студираат медицина во Тирана намален за 40% по одлуката за нивно задржување во земјата по дипломирањето

За околу 40 отсто е помал бројот на матуранти кои се пријавиле за упис на Медицинскиот факултет во Тирана за академската 2023/2024 година, иако потребата за овој кадар е голема, поради масовното заминување на белите мантили, главно во Грција и Италија.

-Минатата академска учебна година за медицина се пријавија околу 3.000 матуранти, годинава речиси 40 отсто помалку, пријавени се само 1.800 матуранти. Ова намалување на бројот на пријавени е последица на најновата одлука, со која на студентите по медицина по завршување на студиите да не им се доделува диплома додека не ја исполнат обврската од пет години работа во земјава - тврди Илир Алимехмети, заменик-декан на Медицинскиот факултет во Тирана.

Тој оценува дека секогаш кога ќе се наметнат вакви блокади, дури и да се „наруши имиџот на одредена професија, многу е јасно дека веднаш ќе има помала побарувачка за тој вид на професија“.

- За 2023/2024 година, квотите за прием на студенти во прва година се зголемени за 450 студенти. Но, далеку сме од исполнување и на старата квота. Голем број од оние кои сакаа да студираат медицина, па дури и од оние кои веќе се на редовни студии, ја напуштат оваа насока, одат или во приватниот систем во Албанија или заминуваат надвор од земјава - додава Алимехмети.

Студентите по медицина незадоволни од законот протестираа во повеќе наврати, а деновиве остварија и средба со шефот на државата Бајрам Бегај, од кого побараа да не го потпишува истиот. Тие по средбата најавија дека доколку законот не се анулира ќе ја бојкотираат наставата, а законот ќе го оспорат пред Уставен суд.

Во последната деценија, според нивните друштва, Албанија ја напуштиле 4.000 лекари, меѓу нив и специјалисти по одредени гранки, како и околу 10 илјади медицински сестри.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование