X
 10.07.2023 Наша тема

Во ОУ „Санде Штерјоски“ во Кичево во различностите гледаме предност, вели професорката Мартина Наумовска

Кичево е град во кој ние, граѓаните, секојдневно ја живееме мултиетничноста и не знаеме поинаку. Мораме да сфатиме дека мултиетничност не се случува само во училиштата, туку почнува од домот, живее во нашето маало и децата ја гледаат во возрасните онолку колку што тие им ја покажуваат, вели Мартина Наумовска

Меѓуетничка интеграција, почитување на различностите, градење мултикултурна образовна средина е тема на која разговараме со професорката Мартина Наумовска. Според неа, ова е тема за која малку се зборува и покрај тоа што нашата држава е со различни етникуми и ученици што учат во мултиетнички училишта. Во наставните програми училиштата треба да промовираат почит на култури, традиција, закони... Со Мартина зборуваме за позитивната страна на мултикултурализмот во училиштата, градењето соживот на децата од различни етнички групи, спознавањето на другиот, почитта на децата во мешаните училишта и извлекувањето на најголемото богатство живеејќи едни со други.

Учениците еднакво се радуваат и на Денот на македонскиот јазик и на Денот на турската азбука


Наумовска повеќе од 7 години работи во мултиетничко училиште, односно по завршувањето на студиите на Филолошкиот факултет ,,Блаже Конески“ во Скопје работи во ОУ „Санде Штерјоски“ во Кичево.



- Училиштето важи за едно од повеќето мултиетнички училишта во нашата држава. Мои ученици биле, уште од првиот работен ден, не само Македонци, туку и Роми, Албанци и Турци. Растејќи во град во кој на луѓето им гледаш в очи, а не во нивната етничка припадност, кога ми се пружи можноста да работам во мултиетничко училиште, воопшто не бев скептик во однос на тоа како ќе ме прифатат учениците од другите етнички групи - споделува Мартина.

Како што зборува таа, работата во мултиетничко училиште не може да биде бариера. Бариерите се само во нашите глави и постојат за да се надминат. Работата со ученици во мултиетничките училишта е предизвик со кој учејќи ги децата, всушност учиш и ти.

- Ние како општество, како друштво треба да си го поставиме прашањето: До кога ќе им оставаме место на стереотипите и предрасудите по етничка основа? Во нашето училиште во различностите всушност гледаме предност. Учениците еднакво се радуваат и на Денот на македонскиот јазик и на Денот на турската азбука. Кога веќе зборуваме за различностите, би рекла дека треба да ги истакнуваме. Истакнувајќи ги различностите, всушност, покажуваме колку сме исти, но на поинаков начин – изјавува нашата соговорничка.

Мултиетничките училишта имаат само позитивни страни

На прашањето колку кај нас им се дава важност на мултиетничките училишта, таа смета дека има уште многу работа.

- Сметам дека во однос на ова прашање, пред да се даде одговор, има уште доста работа, уште доста учење за важноста на мултикултурализмот во мултиетничко општество во какво што живееме. Нема да речам дека како друштво сме ја надраснале оваа тема, но многу е важно да се знае дека наставниците денес ја играат најважната улога на ,,образовната сцена“ кога станува збор за мултикултура – посочува Мартина.



Мултикултурата е дел од нејзиното секојдневие. Делењето часови со ученици од разни култури, етникуми, градењето соживот меѓу учениците од различна вера, според неа, е предност. И само позитивни страни можат да се извлечат од мултиетничките училишта, а таа ни набројува дел од нив:

-Нашата држава, покрај многу нешта што ја красат, се издвојува и по вредноста на различните етникуми.
-Да се зборува на јазикот на другиот (на јазикот на кој зборува нашиот сосед, другарот од соседната училница), да ги разбираме и почитуваме обичаите, празниците и традицијата на другите култури, значи да се поседуваат квалитети на човекот во нас.
-На нашиот час, на часот по македонски јазик за учениците од другите заедници често, кога нешто не можеме да разбереме на еден јазик, НИЕ ГО РАЗБИРАМЕ на СИТЕ ЈАЗИЦИ, е тоа е чист пример за мултикултурализам.

Ја живееме мултиетничноста

Децата што растат во мултиетничко општество, учат во мултиетнички училишта, опкружени се со мултиетнички култури, седат со другарчиња од друг етникум, не знаат друго освен да ги почитуваат различностите и да ги прифатат како дел од нивниот живот и соживот.



- Ќе искористам еден совршен цитат за ова прашање: ,,Децата не можат да бидат она што не можат да го видат!“ Ќе зборувам од лично искуство. Кичево е град во кој ние граѓаните секојдневно ја живееме мултиетничноста и не знаеме поинаку. Мораме да сфатиме дека мултиетничност не се случува само во училиштата, туку почнува од домот, живее во нашето маало и децата ја гледаат во возрасните онолку колку што тие им ја покажуваат. На крајот на краиштата, не е целта постојано да ги учиме учениците пријателот да го препознаваат во другарчето до себе, туку целта е да ги научиме дека живеат заедно, а нивно е само да се негува тој соживот со една заедничка желба, за една цврста иднина и силно општество кое цели напред. Така што за да се издигне мултикултурата во едно училиште на едно повисоко ниво во целото наше општество, потребна е само работа на свеста уште од најмала возраст. Во мешаните мултиетнички училишта различностите имаат еднаква важност и поголем успех. Вреднувајќи го заедничкото живеење, веќе сме неколку скалила погоре - истакнува Мартина Наумовска.
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема