X
 11.04.2023 Наука

Одамна изгубено писмо покажува дека Ајнштајн сметал дека животните имаат суперсетила

Долго време пред да знаеме дека птиците можат да го „видат“ магнетното поле на Земјата, Алберт Ајнштајн дебатирал за можноста животните да имаат суперсетила, во писмата испратени до неговите колеги-истражувачи.

Одамна изгубеното писмо од овој научник до инженер кој барал прашања во 1949 година покажало дека Ајнштајн бил неверојатно прецизен во предвидувањата од областа на биологијата и физиката.

Оригиналното писмо од инженерот Глин Дејвис било изгубено, но според одговорот на Ајнштајн, прашањето на Дејвис било поврзано со перцепцијата на животните и што тоа може да ни каже за физичкиот свет.

- Mоже да се замисли дека истражувањето на однесувањето на птиците преселници и гулабите еден ден ќе доведе до разбирање на некој процес во физиката кој сè уште не е познат - напишал Ајнштајн во својот одговор.

70 години подоцна, знаеме дека она што го предвидел Ајнштајн било точно. Доказите сега посочуваат дека птиците можат да го почувствуваат магнетното поле на Земјата користејќи специјални фоторецептори во нивните очи кои се чувствителни на суптилни поместувања во магнетното поле на планетата. Тоа е она што им овозможува да мигрираат илјадници километри без да се изгубат. И другите животни, како морските желки, кучињата и пчелите, покажуваат неверојатна способност да ги почувствуваат магнетните полиња на нашата планета, иако не сите преку очите.

ајнштајн
Фото: Dyer et al., J Comp Physiol A, 2021

- Неверојатно е што Ајнштајн ја замислувал оваа можност, неколку децении пред емпириските докази да откријат дека некои видови животни навистина можат да ги согледаат магнетните полиња и да ги користат таквите информации за навигација - пишуваат истражувачите од Хебрејскиот универзитет во Ерусалим, каде што беше донирано писмото.

Но, Ајнштајн имал индиции што довеле до вакво размислување. Во времето кога било напишано писмото, биолошката наука и физичката наука почнале да се спојуваат како никогаш претходно. Беше откриена ехолокацијата на лилјаци, а радарската технологија била во подем. Всушност, самиот Дејвис бил истражувач на ова поле, па затоа го интересирале и други чудни животински сетила, како оние што ги покажуваат пчелите.

Со Ајнштајн биле истомисленици. Се чини дека физичарот бил фасциниран и од биолошките науки како прозорец кон невидливите физички сили. Неговото повратно писмо, кое не било откриено до смртта на Дејвис во 2011 година, е кратко, но потврдува дека Ајнштајн на сличен начин бил фасциниран од однесувањето на пчелите.

Во една белешка Ајнштајн пишува дека добро го познава Карл фон Фриш, кој сфатил дека пчелите се ориентираат користејќи ги моделите на поларизација на светлината. Познато е дека Ајнштајн присуствувал на едно од предавањата на Фон Фриш на Универзитетот „Принстон“ шест месеци пред да биде испратено писмото. Тој имал и состанок со истражувачот и овие интеракции очигледно му оставиле впечаток.

Додека се чини дека Дејвис најмногу бил заинтересиран за тоа како ова ново биолошко знаење може да влијае врз идната технологија, Ајнштајн тврдел дека се потребни повеќе биолошки истражувања.

- Не гледам можност да ги искористам тие резултати во истрагата за основата на физиката. Таков би бил случајот само ако преку однесувањето на пчелите се открие нов вид сетилна перцепција, односно на нивните дразби - пишува Ајнштајн.

Извор: Science Alert
Фото: Dyer et al., J Comp Physiol A, 2021
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука