X
 11.11.2020 Наука

Научниците открија планета каде што паѓа дожд од камења, а океаните се од лава

Алтернативна Земја каде што врне дожд од камења и има океани исполнети со лава може да изгледа како да е излезена од научнофантастичен филм, но всушност е реалност. Во 2018 година астрономите ја открија егзопланетата К2-141б, а неодамна научниците објавија истражување што ги открива нејзините екстремни услови.

И додека К2-141б по големина е слична на Земјата, во сѐ друго е различна. Оваа егзопланета се смета за планета-лава поради нејзината близина со портокалова џуџеста ѕвезда. Сите лава-планети се толку жешки, што некои региони веројатно имаат лава-океани. Но, она што ја прави оваа планета толку необична се другите временски услови што ги откриле истражувачите од Универзитетот „Мекгил“, Универзитетот „Јорк“ и Индискиот институт за научно образование.

Како егзопланета со површина, океан и атмосфера направени од камења, може само да ги замислите временските услови. Користејќи компјутерски симулации, истражувачите дошле до неколку интересни заклучоци. Се чини дека две третини од планетата се соочуваат со постојана дневна светлина, што се должи на фактот дека е гравитационо заклучена на своето место благодарение на нејзината близина со џуџестата планета.

Во шоу на екстремен контраст, ноќната страна има температури од -200 Целзиусови степени, додека дневната страна има шокантни 3.000 Целзиусови степени. Тоа е доволно жешко не само да се стопат карпите, туку и да испарат. Всушност, токму овој тенок слој на пареа ја формира атмосферата.

Оваа пареа потоа се претвора во врнежи, исто како и циклусот на вода што го има Земјата. На К2-141б силни ветрови ја носат камената пареа кон ноќната страна на планетата. Потоа врне во океаните од лава пред струјата да ја врати на дневната страна. Потоа испарува и циклусот почнува повторно. Полека, со текот на времето, овој циклус ќе ја промени формата на планетата.

- Сите карпести планети, вклучувајќи ја и Земјата, почнале како растопен свет, но потоа брзо оладувале и се зацврстувале. Планетите-лава ни даваат редок поглед во оваа фаза на еволуција на планетите - вели професорот Никола Коуан од Одделот за планетарни науки.

Тимот сега работи на валидација на своите предвидувања со употреба на податоци од вселенскиот телескоп „Спицер“, кој треба да даде информации за температурите на двете страни на оваа планета. Откако ќе се активира вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ во 2021 година, тогаш научниците ќе можат да ги потврдат нивните предвидувања за атмосферскиот циклус на К2-141б.

Извор: Mymodernmet | Cbsnews.com
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука