X
 13.09.2023 Наука

Симулација на Марс открива дека еден тип личност не треба да ја колонизира Црвената Планета

Една нова студија спроведе симулации на колонии на Марс за да го одреди идеалниот број на жители на Марс, потребни за опстанок на таква населба, исто така, откривајќи дека одредени типови личности треба да се оддалечат од таква мисија.

Доколку луѓето некогаш одлучат да создадат постојана станица на друга планета, ќе се соочиме со многу непознати. Новото истражување објавено на серверот „Арксив“, кое допрва треба да биде рецензирано, се обидува да ограничи некои од тие непознати, спроведувајќи повеќе 28-годишни симулации за да се утврди со која големина на колонија има најдобри шанси за преживување.

Претходните студии се обидоа да одговорат на ова прашање. Во 2020 година една утврди дека 110 е бројот на луѓе потребни за да ги исполнат сите должности неопходни за нивниот опстанок без да го надминат работниот капацитет на колонистите. Инспириран од тој труд, овој нов тим направи малку поинакви претпоставки за животот на Црвената Планета, вклучително и дека колонијата е веќе изградена и дека храната, воздухот и водата може да се произведуваат локално, а дека енергијата се генерира и на планетата.

Една главна разлика е во тоа што тие моделираа дека колонијата ќе добива редовни резерви од Земјата, претпоставувајќи дека би било поисплатливо да се испраќаат резерви отколку да се испратат луѓе да ја прошират големината на колонијата.

Симулацијата во суштина им доделува атрибути на агентите (слично како ликови во играта „Симс“) и потоа симулира работни денови за колонистите, како и интеракции со други соиграчи.

- На секој агент му се доделуваат вештини поврзани со неговите цивилни и воени професионални специјалности во согласност со истражувањето на НАСА за човечки фактори и елементи за перформанси во однесувањето, кои ги анализираа способностите што може да се генерализираат според околностите и улогите на екипажот за време на 30-месечна експедиција на Марс - објаснува тимот во својот труд.

Тимот се обиде да ја вметне личноста во нивната симулација на агенти, давајќи им ги на агентите овие различни типови на личности: луѓе кои се согласуваат за сите работи, кои се слабо конкурентни; социјални личности, кои се екстровертни и имаат потреба од социјална интеракција; реактивни, кои имаат конкурентна интерперсонална ориентација и се фиксирани на строги рутини; и невротичари, кои се многу конкурентни и агресивни и не се во состојба да се справат со досадата и да се префрлат на рутина.

Симулациите се воделе 28 години и со различен број на луѓе кои ги започнале колониите, кои се движеле од 10 до 170. Тие откриле дека најмалиот број потребен за одржување на колонијата е 22, многу помал од претходната студија која не преземаше редовни мисии за повторно снабдување.

Она што не го очекувале беше стапката на смртност кај невротиците.

- Примарниот забележан феномен се јавува во намалувањето на популацијата на Марс. Додека членовите на населбата имаат еднаква веројатност да бидат погодени од недостигот на ресурси за населување, несреќи во живеалиштата или катастрофи на бродови на Земјата, марсовците со „невротична“ психологија умираат со многу поголема стапка - велат истражувачите.

Тимот забележува дека невротичните личности страдале во текот на животот на колонијата, а колонијата се подобрила кога имало помалку луѓе со тој тип на личност.

- Луѓето со невротична психологија и висок капацитет за справување најмалку имаат корист од интеракцијата со другите марсовци и најмногу се казнети ако имаат низок капацитет за справување. Нашите резултати покажуваат дека овој ефект е двигател на намалувањето на популацијата на Марс, а еднаш минимизирано или отстрането, може да произведе стабилна населба - пишуваат тие.

- Симулациите на Земјата ќе ни помогнат да ги разбереме и да им се спротивставиме на физичките и менталните предизвици со кои ќе се соочат астронаутите пред да заминат - вели Грејс Даглас, водечки научник за истражувачките напори на НАСА за напредна технологија за храна во вселенскиот центар Џонсон во Хјустон.

Извор: Iflscience.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука