X
 14.11.2018 Здравје

Имаме сѐ повеќе заболени од дијабетес, а и многу неоткриени болни

Секоја година се откриваат сè повеќе заболени од дијабетес. Дополнителен проблем е што на еден дијагностициран случај има еден неоткриен, заболен кој не знае дека се соочува со шеќерна болест. Оваа болест прави многу здравствени компликации, па затоа е многу значајно навреме да се открие, потенцираа лекарите на денешниот Светски ден на дијабетесот.

- Бројот на заболени од дијабетес во Република Македонија е во пораст. Од 120.000 пациенти со дијабетес, 40.000 примаат инсулинска терапија. На еден дијагностициран постои еден што не е дијагностициран и не знае дека ја има болеста - истакна директорката на Клиника за ендокринологија, Саша Јовановска-Мишевска.
Таа посочи дека секојдневно се соочени не само со пациенти со дијабетес, туку и со голем број компликации. Болеста може да направи проблеми со срцето и со големите крвни садови, бубрезите, оштетување на видот.
- Во примарното здравство се спроведува и систематски скрининг на лицата што се во ризични категории (возраста, дебелината и недоволната физичка активност) да развијат дијабетес. Матичниот лекар треба да и укаже на категоријата што е во ризик задолжително да направи скрининг-тест за откривање дијабетес - потенцира Јовановска-Мишевска.
Додаде дека 75 проценти од здравствените фондови се трошат за компликациите од дијабетесот и очекуваат дека со промовирање здрав начин на исхрана, со намалување на факторите за ризик кои доведуваат до развој на дијабетесот ќе успееме и да ги намалиме компликациите.



Државниот секретар во Министерството за здравство, Владимир Милошев, истакна дека е во тек тендерската постапка за обезбедување на годишните количини на инсулинска терапија за болните и воведување три нови типа инсулин од најнова генерација, меѓу кои еден е за деца до 14 години.
- Во Македонија 500 деца на возраст до 14 години се заболени од дијабетес. Следен чекор е обезбедувањето сензорни мерачи на шеќер во крвта што ќе помогне во контролата на гликемијата кај децата и кај бремените жени кои го имаат гестацискиот дијабетес. Министерството за здравство од оваа година го укина паралелниот увоз на инсулинот, со што ќе обезбедиме квалитетен инсулин бидејќи имавме одредени сомнежи и во квалитетот и транспортот на инсулинот до веледрогериите околу обезбедувањето на ладниот синџир - додаде Милошев.

Претседателот на Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија, Бојан Киров, истакна дека ќе има инсулини со проверени сертификати..
  - Од јануари ќе почне испораката на новите глукометри (апарати за мерење шеќер во крвта) и новите ленти за нив. Дијабетичарите ќе можат да бидат сигурни во точноста на резултатите од мерењето со тие апарати. Се проширува листата на инсулини. Инсулинската криза заврши летоска и оттогаш нема недостиг. Со новиот тендер за набавка на инсулин, кој е при крај, добивме ветување од Министерството за здравство дека дистрибутерите ќе бидат обврзани покрај тековните месечни количини што треба да бидат дистрибуирани, во секое време да има еден месец резерва на сите видови инсулин - додаде Киров.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје