X
 15.01.2019 Наука

Јанкуловски: Слабата поддршка на науката прeдизвикува иселување од Македонија

Наука, проекти, стопанство, образование – тоа се неделиви сектори во општеството и има поврзаност со одливот на мозоци од нашата земја, вели ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски

Издвојувањето од БДП за науката во Македонија со години е под 1 отсто, беше денеска посочено на трибината што ја организира Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Тоа е директно поврзано со помалку научни трудови и истражувачки проекти и со одливот на перспективен млад научен кадар.

Според Никола Јанкуловски, ректор на УКИМ, сè уште сме на незавидно ниско ниво - околу 0,1 процент од бруто-домашниот производ, што е премалку.
- Ако се споредиме со земјите од Западен Балкан, ќе видиме дека ние сме на најниското можно ниво. Би било сосема задоволително да се неколку проценти, на пример, 2,3 или 4 отсто од БДП, со што образованието и науката во Македонија би биле во добра кондиција. Треба да се стремиме кон зголемување на процентот и тоа е целта на ваквите трибини - рече Јанкуловски.

Со слабата поддршка за наука е поврзано и иселувањето. Тоа е врзан систем.

- Наука, проекти, стопанство, образование – тоа се неделиви сектори во општеството и има поврзаност со одливот на мозоци од нашата земја - додаде Јанкуловски.

Фото: МИА

Според него, развојот на науката во Македонија треба да се базира на стратегија во која ќе бидат јасно дефинирани целите на подолг временски период.

- Таа стратегија треба да почива на еден компетитивен систем во кој науката и образованието, кои се најважни фактори за напредок на секое општество, ќе бидат водечки основи за економскиот развој и конкурентноста во стопанството. Секоја земја, а апелирам и нашата, треба да вложува повеќе средства во науката, истражувањето, иновациите и особено во високото образование. Без нив не може да имаме современо општество кое ќе се базира на модерни принципи на самоодржливост и развој - истакна Јанкуловски.

Професорот Зоран Хаџи Велков од ФЕИТ имаше предавање на тема „Споредба на перформансите на македонската наука со земјите од Западен Балкан“. Според него, македонската наука се обидува да биде во чекор со светските трендови и во однос на вложувањето во науката имаме добра публицистичка активност.

- Но се забележува послаба просечна активност по професор. Во однос на рангирањето на универзитетите, во регионот се наоѓаме некаде на средината, а во светски рамки сме во долната половина на светските ранг-листи - рече Хаџи Велков.

Иако споредено со регионот вложувањето во науката е послабо, тој смета дека самата академска заедница треба да покаже самоиницијативност.
- Да се вложи во себе, да се зголеми бројот на објавени научни трудови просечно по професор на УКИМ и на сите универзитети во Македонија – вели Хаџи Велков.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука