X
 15.03.2024 Наша тема

Кога бев студент со актерот Нино Леви: „Чивијата беше влезена и без да им кажам на родителите, наместо да дипломирам на психологија, се пријавив на ФДУ и ме примија од прва“

Често ме прашуваа зошто не дозавршив психологија? Арно ама, кога си на ФДУ, веќе немаш време за друго. По цели денови бевме на факултет, претпладне теоретски предмети, плус сценски движења и говор, а попладне актерска игра. Бевме прекрасна класа, се присетува актерот.

Од мал знаеше дека ќе биде актер. Љубовта кон глумата кај него се роди од филмовите. Па, уште како дете се пријави на аудиција за филмот „Мирко и Славко“. За жал, тогаш не го избраа. Но, тоа не го намали неговиот интерес за глумата. Подоцна животот ќе го одведе да изучува и други професии, како психологијата. Но, на крај, пред дипломирање, храбро направи рез и замина на Факултетот за драмска уметност. Со тоа си ја исполни својата желба од дете, кога во детскиот споменар во графата што ќе биде твоја идна професија - напишал „глумец“.

Нино Леви е еден од најуспешните македонски театарски, филмски и телевизиски актери. Неодамна само формално замина во пензија, по 34 години плодна актерска игра во матичната театарска куќа МНТ и одиграни 70 улоги. Но, тој останува и понатаму на штиците што живот значат преку неговите улоги во тековниот репертоар. Вели: „За мене, нема пензија! Продолжувам со работа додека ме држи главата. За нас, актерите, се вели дека можеме да играме додека можеме да запомниме и да изговориме реплика!“



Се пријавува за актер уште како дете на оглас од „Микиев забавник“


Роден е во 1960 година во Скопје, во времето кога на цена беше филмската магија, а одењето на кино беше вистинско уживање.

- Љубовта кон оваа професија ја имам уште од дете, веројатно од гледањето филмови кога редовно одевме на кино. Се сеќавам, тогаш имаше повик за актери деца за филмот „Мирко и Славко“ во весникот „Микиев забавник“. Веднаш се пријавив. За жал, не бев избран. Во тоа време пишувавме споменари. Во нив одговаравме на различни прашања. Меѓу нив и на прашањето за идната професија. Мојот одговор беше глумец - се присетува Леви.

Заврши средно во „Орце Николов“. Во тоа време крајот на учебната година се славеше со сценски настап на учениците наречен Гимназијада. Неговиот клас редовно освојувал второ место зашто првото било резервирано за класот во кој учел познатиот македонски режисер Милчо Манчевски.

„Советот на старците“ го испрати на психологија


Леви се сеќава дека по матурирањето, кај нив дома се собрал, како што вели, „советот на старците“ - тетки, тетиновци, вујни, вујковци - со цел да одлучат каде да се запише на факултет. И тогаш знаел дека сака да стане глумец, но тоа било тешко да се прифати во семејство каде што се негувала филозофијата.

- Ме прашаа: „Каде сакаш да студираш?“ Јас како од пушка им реков ФДУ. „Што, сакаш глумец да бидеш“, прашаа изненадени. Вујко ми беше Јонче Јосифовски, основач на катедрата на Филозофскиот факултет. И тогаш почнаа: „Тоа е несигурна професија, глумците се вакви, онакви“, знаете веќе какви предрасуди имаа тогаш. И јас подлегнав на притисокот и се запишав на психологија - раскажува актерот.

Член на театарската работилница на Филозофскиот факултет

Но, животот за него имал подготвено друг план. Како што често се случува кога постои силна желба за нешто, така и кога Нино тргнал на предавања на Филозофскиот факултет, се формирала театарска работилница под водство на Кирил Темков, а ја раководеле Љубиша Никодиновски-Бис и Владе Милчин.
- Си реков - ако не можам да студирам глума, барем ќе се занимавам со тоа како хоби. И се зачленив – раскажува Нино.

Во јануари 1980 година излегла нивната прва претстава „Зелената гуска“ и направила бум. Се одиграла пред преполна аула на Филозофскиот факултет. Тоа бил првиот негов настап пред публика. Со таа претстава почнале да гостуваат низ цела поранешна Југославија - Марибор, Љубљана, Нова Горица, Загреб, Шибеник, Мостар, Сараево, Нова Сад, Белград, Подгорица... Стигнале дури до Италија, во Капри, Неапол, Искија... Потоа следувале и други претстави како „Животинска фарма“, „Пепелашка во поправен дом“ и други.



Наместо да дипломира на психологија, се запиша на ФДУ


- Пролетта 1983 година станав апсолвент на психологија и веќе беше време да се одлучам што понатаму. Имав уште четири испити на психологија, потешките, и морав сериозно да се зафатам со нив. Ама чивијата беше влезена во мене и без да им кажам на родителите, се пријавив на ФДУ. И ме примија од прва - вели Леви.

Приемниот испит не се разликувал многу од денешниот. Требало да подготви монолог по сопствен избор, рецитал, за што им ја дале песната „Стерната“ од Блаже Конески, и да отпее нешто. Тој го избрал монологот од едночинката „Трагичар во неволја“ од Чехов.

- Милчо Манчевски ми помогна да го подготвам монологот. Спиев кај него дома. Се сеќавам, знаеше да ме разбуди во ниедно време да го кажувам текстот. Иако имав искуство со театарската работилница, на приемниот имав голема трема. Дури се фатив себеси како кажувам иста реплика двапати. Некако се извадив во стилот „тоа го кажав“. Бев пресреќен кога видов дека сум примен меѓу 70-ина кандидати.

Студентските денови - највозбудливите во животот

- Често ме прашуваа зошто не дозавршив психологија? Арно ама, кога си на ФДУ, веќе немаш време за друго. По цели денови бевме на факултет, претпладне теоретски предмети, плус сценски движења и говор, а попладне актерска игра. Бевме прекрасна класа: Ноли, Сухи, Тихомир Стојановски, Јордан Витанов, Дубравка Киселички, Бубе Бојковски, Сашо Огненовски, Соња Јачевска и други. Првите три години класен ни беше Љубиша Георгиевски, а дипломиравме во класата на Слободан Унковски - раскажува Леви.

Дипломска претстава им била „Сон на летната ноќ“ од Шекспир, а Нино го играл Оберон.

- Имав среќа да учам од најголемите дејци во театарот кај нас и пошироко - Милчин, Љубиша, Унко, секој со свој сензибилитет и од нив ги научив основните чекори во актерството. Понатаму секоја подготовка на нова претстава претставуваше нова лекција - додава Леви.



Кога подготвувале претстава, немало недела, празник, неработен ден

Работниот век во МНТ го започнал во 1989 година. На почетокот играл помали улоги. Потоа се случила голема промена на генерацијата и за кратко време биле примени десетина млади актери - Тони Михајловски, Никола Ристановски, Магдалена Ризова, Владо Јовановски, Владимир Јачев, Владимир Ендровски, Александар Микиќ, Јордан Симонов, Трајче Георгиев, Кили и Игор Џамбазов. Се појавиле млади режисери и драматурзи како Сашо Миленковски, Ацо Поповски, Дејан Дуковски, Срѓан Јаниќијевиќ, Синиша Евтимов.

- Се создаде прекрасна театарска атмосфера, бевме млади, полни со енергија, ентузијазам и како што вели нашиот актерски гуру К. Станиславски - со силна позитивна енергија. Работевме турбо. Кога подготвувавме претстава, за нас немаше празници, недела, неработен ден и така се создадоа долговечната „Народен пратеник“, „Буре барут“, „ММЕ кој прв почна“ и други.

Одиграл 70 улоги, секоја од нив ја доживува како свое дете


На филмското платно првпат се појавил во 1982 година кога се снимал филмот „Бановиќ Страхиња“ со Франко Неро и Драган Николиќ. Се сеќава дека кога барале статисти, цело маало се пријавило. Тој добил улога на стражар и реплика во филмот.



Леви има одиграно над 70 улоги, од кои 53 во матичниот театар. Тешко му е да издвои омилена претстава. Вели дека можеби звучи како фраза, но навистина улогите се како негови деца. Но, кога би морал да издвои, тоа би била „Перверзии“ во режија на Мони Дамевски, која секоја недела ја полнела салата во Драмски. Потоа „Цензор“, „Сомнително лице“, „Свадбата на Фигаро“, „Народен непријател“, „Силјан Штркот шанца“, како и неговото продуцентско првенче „За нас почнува живот“ во режија на Дејан Пројковски, а во изведба на Драмски театар Скопје.

Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема