X
 15.04.2024 Наука

Мистеријата за најчистиот воздух на Земјата конечно објаснета

Јужниот Океан, или уште наречен Антарктички Океан, е познат по тоа што има најчист воздух на Земјата. Но, причините зошто тоа е така досега беа мистерија.

Има повеќе фактори што влијаат врз таа појава, односно недостигот на човечка активност не е единствената причина. Се разбира, има помалку луѓе таму што користат индустриски хемикалии и согоруваат фосилни горива. Но, постојат и природни извори на фини честички, како што се солта од морската вода или прашината раздвижена од ветрот. Без оглед на потеклото, фините цврсти честички или течните капки во воздухот се познати како аеросоли. Се смета дека чистиот воздух има ниски нивоа на аеросоли, без разлика дали се од природни или од индустриски извори.

Неодамнешно истражување открива дека облаците и дождот играат клучна улога во чистењето на атмосферата.

Разбирање на улогата на облаците и дождот

Нивото на аеросолите над Јужниот Океан е под влијание на низа фактори. Тука се вклучува количината на испрскана сол и сезонските варијации во растот на ситните организми, кои се слични на растенијата наречени фитопланктони, кои се извор на честички на сулфати во воздухот.

Во зима се произведуваат помалку сулфати, кога воздухот над Јужниот Океан е најчист.

Но, тоа не е целата приказна. Јужниот Океан е исто така најоблачното место на Земјата. Доживува краткотрајни, спорадични дождови како никаде на друго место. Па важно е да ја разбереме улогата на облаците и дождот во чистењето на воздухот.

Најголемата бариера за разбирање на овие процеси отсекогаш бил недостигот на висококвалитетни набљудувања на облаците, врнежите и аеросолите во овој слабо набљудуван регион во светот. За среќа, новата генерација на сателити овозможува да проучуваме слики од облаци со досега невидени детали. Развиена е и компјутерска програма за препознавање на различни облаци на огромна област покрај Јужниот Океан. Истражувачите особено барале карактеристични обрасци во форма на саќе (пчелин восок) во облаците. Овие облаци слични на саќе се од голем интерес бидејќи имаат голема улога во регулирањето на климата.

Кога ќелијата од саќето е исполнета со облак или е затворена, таа е побела и посветла, рефлектирајќи повеќе сончева светлина назад во вселената. Така, овие облаци помагаат да се одржи Земјата ладна. Празни или отворени саќе ќелии, од друга страна, пуштаат повеќе сончева светлина.

Овие сложености остануваат извор на грешки во моделирањето на климата на Земјата, бидејќи тие не се соодветно вклучени. Важно е правилно да се постигне рамнотежата на отворените и затворените ќелии, или резултатите може да бидат далеку од вистинити. Дали ќелиите се отворени или затворени, исто така, е фактор кој се однесува на количината на врнежи што тие можат да ја произведат.

Ќелиите се доволно големи за да се видат од вселената, со дијаметар од околу 40-60 километри. Така можат да се истражуваат преку користење сателитски снимки.

Чистење аеросоли од небото

Обрасците на облаците во форма на саќе се споредени со мерењата на аеросоли од опсерваторијата Кенаук/Кејп Грим, а исто така и со набљудувањата на врнежите од страна на Бирото за метеорологија од блискиот манометар. Резултатите покажале дека деновите со најчист воздух се поврзани со присуството на отворен облак во форма на саќе. Научниците сметаат дека ова е затоа што овие облаци генерираат спорадични, но интензивни дождови, кои се чини дека ги „измиваат“ честичките од аеросолите во воздухот.

Очигледно отворените ќелии содржат повеќе влага и произведуваат повеќе дожд, отколку меките бели затворени ќелии исполнети со облаци. Односно отворените облаци во форма на саќе, произведуваат шест пати повеќе дожд од затворените.

Така, она што изгледа како помалку облачно време преку сателит, всушност ги активира најефикасните дождови за миење на аеросолите. Со оглед на тоа што наполнетиот или затворениот облак во форма на саќе, кој изгледа погуст, всушност е помалку ефикасен. Тоа е еден од поизненадувачките аспекти од наодите на истражувањето.

Свеж воздух и подобри климатски модели

Ова истражување додава ново парче во сложувалката зошто Јужниот Океан го има најчистиот воздух на светот. Врнежите се клучни, особено дождот од овие јасни, отворени облаци во наведената форма. Прво, откриено е дека тие се навистина одговорни за чистењето на целиот воздух што струи над Јужниот Океан.

Поедноставено кажано, дождот ги чисти аеросолите од небото на ист начин како што машината за перење ја чисти облеката. Откако ќе помине студениот бран, воздухот е чист.

Извор: Science alert

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука