X
 15.07.2023 Живот

Оваа едноставна морска активност ги согорува калориите и ги зајакнува мускулите

Престојот на море е идеална можност за воведување одредени промени во секојдневните активности.

Ако сакате да пешачите, сега е идеално време да ја замените вообичаената рутина со одење во вода, кои дополнително ќе ја подобрат вашата кондиција.

Овој тренинг со низок интензитет е идеален за оние денови кога можеби сте премногу уморни за да пливате, но би сакале да ги искористите предностите на морето и сè што има да понуди. Можете, исто така, да шетате во базен.

Која опција и да ја одберете, ќе си обезбедите одличен кардио-тренинг кој ќе ви помогне да согорите калории, а истовремено благотворно влијае врз многу мускулни групи.

Придобивките од пешачењето во вода

Водата е многу погуста од воздухот, така што вежбите во морето бараат повеќе напор отколку истите вежби на копно.

Отпорот при пешачење во вода ви овозможува да ги зајакнете вашите мускули на начини на кои можеби нема да можете со копнена рутина. Исто така, шетањето во море помага да согорите повеќе калории, што може да ви помогне да изгубите тежина.

Бидејќи тоа е вежба со низок интензитет, пешачењето во вода е понежно за вашите коски и зглобови, па затоа е безбедна опција за луѓе со артритис или остеопороза.

Со оглед на тоа што не врши притисок врз телото, пешачењето во вода може да биде добра вежба за бремени жени, лица кои закрепнуваат од повреди, постари лица и за сите оние на кои физичката активност им е нешто ново во животот.

Студија од 2015 година, исто така, покажа дека пешачењето во вода може да ги зголеми отчукувањата на срцето повеќе отколку пешачењето на копно, што може да биде добро за срцето и за белите дробови.

Друга студија покажа дека пешачењето во вода може да помогне во намалувањето на крвниот притисок.

На почетокот шетајте во вода на длабочина до вашата половина. Фокусирајте се на правилната форма, односно проверете дали грбот е исправен, рамената назад, брадата нагоре и прав поглед.

Додека одите, обидете се да го држите телото исправено, без да се потпирате премногу на двете страни. Кога ќе се навикнете да одите во такви услови, можете да се движите на поголема длабочина и постепено да ја зголемувате брзината.

Секако, сигурни сме дека различните стилови на пливање ќе бидат избор на повеќето луѓе, но пред да ви заврши одморот, секогаш можете да направите кратка прошетка и да направите дополнително добро дело за вашето тело и здравје.

Извор: n1info.rs
Фото: Pixabay
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот