X
 17.03.2016 Образование

Студенти од УКИМ со најдобра презентација на регионален натпревар во Словенија

Марио Ѓорѓиев, Симона Ицовска, Христина Младеновска, Моника Рајковска и Александра Трајковска се петмината студенти кои го претставуваа УКИМ на предизвикот „CFA research challenge“.


Марио ни открива дека ЦФА е институт за сертифицирање на финансиски аналитичари, а натпреварот има за цел да им даде можност на студентите да добијат поголемо знаење во областа на вреднувањето на една компанија и да донесат инвестициска одлука во врска со неа.

На натпреварот, кој се одржувал во Словенија, учествувале шест тима од Словенија, Хрватска и Македонија. Сите тимови имале иста задача: да ја анализираат компанијата „Подравка“. Натпреварот започнал во ноември со првата фаза, во која тимовите требало да состават прашања до менаџментот кои би им помогнале во понатамошната анализа. Потоа, во текот на јануари, целиот тим работел на факултет на анализата.


Марио вели дека некогаш останувале да работат и подолго, а во февруари, кога им почнале предавањата, по нив редовно останувале да работат на пишаниот извештај. Потоа, тие се подготвувале за презентацијата.

На самиот натпревар учествувале пет тима, со оглед на тоа што еден тим се откажал. Во жирито имало експерти од Швајцарија, Хрватска и Словенија. Според коментарите на жирито, нашиот тим имал убедливо најдобра презентација. Победата, сепак, не ја земале тие, бидејќи жирито одлучило да им ја додели на тим од Љубљана поради подобро напишан пишан извештај. Но, шестмината Македонци се вратија во земјата задоволни.


- Сепак, натпреварот нè подготви со многу знаење, добивме огромно искуство во тимска работа, навистина секој член од тимот многу вложи во проектот и соработката навистина ни беше повеќе од одлична меѓу нас. Дефинитивно тим кој никогаш нема да го заборавам - вели Марио.

Инаку, ментор од факултетот на нашиот тим бил Сашо Арсов, кој ги одбрал студентите преку тестирање.

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование