X
 01.09.2016 Наука

Вистинското чудо на Блискиот Исток се вика "Сезам"

Во регионот познат по  политичка нестабилност, религиски и расни тензии, како и константни воени закани, во тек е подготовка на проект кој зрачи со мир, добрососедство и соработка - јавува лондонски Гардијан.

Во градот Ел-Барка, Јордан, во тек е изградбата на “Сезам”- акцелератор на честички, како заеднички проект на држави, навидум неспоиви за соработка: Иран, Пакистан, Израел, Турција, Кипар, Египет, Палестина, Јордан и Бахреин.

Иран и Пакистан не го признаваат постоењето на Израел. Турција не го признава Кипар. Дипломатските односи меѓу останатите држави се далеку од идилични. Но сепак, сите овие држави успеаја да постигнат договор за иницирање на заеднички проект.

Иран и натаму соработува на “Сезам”, иако двајца научници вклучени во овој проект се жртви на атентат, за што се  обвинува израелската тајна служба, Мосад.

Научниот директор на овој проект, Џорџо Паолучи, е многу задоволен од соработката. Смета дека постојат многу малку полиња на кои на научниците од овие земји се во можност да разговараат.

Инаку, “Сезам” е релативно мал акцелератор на честички. Со својот пречник со големина од 130 метри е вистинско џуџе во споредба со европскиот голем хадронски судирач  (LHC) сместен во подземни  тунели со должина од 27 километри под Швајцарија и Франција. И покрај скромните димензии, “Сезам” е проект што на експертите од овој регион ќе им овозможи низа научни истражувања.

“Има толку многу можности за примена така што единствен лимит е научната замисла”, вели Паолучи, истакнувајќи дека со оваа инсталација ќе може да се истражува буквално сè - од изолирани атоми до човечкиот организам.

“Сезам” е синкoтрон, кој ги забрзува електроните низ кружните цевки до брзини блиски до брзината на светлината. При тој процес настанува радијација, која се филтрира и  се насочува кон цевките за зрачење, каде се изведуваат најразлични експерименти.

Планирано е овој уред да стартува уште есенва. “Сезам” ќе поседува три вида главни инсталациони цевки: за Х-зраци, за инфрацрвени зраци и една цевка за протеинска кристалографија.

Овој проект буди општоприфатена надеж дека ќе придонесе во намалувањето на “одливот на мозоци” од регионот, но и ќе им овозможи на научниците од Израел и Иран заедно да ги проучуваат фундаментални природни елементи.


Сезам - чудото од Блискиот Исток
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука