X
 28.11.2016 Живот

Човековата мисла - слобода или ограничување

Се прашувам што е тоа што ми дава одговори на моите прашања. Се прашувам што е тоа мисла. Доаѓам до заклучок дека самото прашање по себе е реторичко – што значи дека е парадоксално и скоро невозможно да биде одговорено бидејќи прашувајќи се всушност добивам низа од мисли кои стихијно создаваат бура од несвесни концентрични кругови што треба да дадат една конкретна и насочена мисла. Да се објасни во потполност е невозможно, но на некој начин мислата претставува ментална дејност на умот, резонирање и рецепција на дразби така што како краен дериват се продуцираат мисли.



Мислам значи постојам (Cogito ergo sum). Декарт дал негов одговор со само три збора. Мислата е продукт на човековата егзистенција и на некој начин ја условува истата. Но, тоа се однесува само на одреден дел од човековото ментално постоење бидејќи овде спаѓа и состојба на контемплација, медитација или трансцеденција. Мислењето, резонирањето и креативната мисла е тоа што не дефинира како мислечки суштества и во исто време различни од сите други. Ако ја погледнеме еволутивната карта на Чарлс Дарвин, ќе заклучиме дека водиме потекло од животни, поточно од високоразвиен, човеколик, антропоиден мајмун. Пред нас, хомо сапиенсите, постоеле многу хомо родови, но денес само ние сме единствените кои постојат. Зошто? Плашејќи се, живеејќи во темница и страв, гледајќи во сопствената сенка, немањето одговор на илјадници прашања се поттикот на најстарите од нашиот вид да се решат да излезат од пештерите. Почнале да пронаоѓаат одговори и решенија на своите проблеми. Пронашле дека носат нешто во главата што им дава одговори. Научиле како да го користат умот.

Да разјасниме, мислата можеби не претставува идеална нервно-импулсна реакција, но е посебна бидејќи не постои друга слична на неа. Во кората на големиот мозок се создаваат импулси што водат до каша од најтемни до најлуминисцентни мисли. Доколку постоеа само темни мисли не ќе имаше добрина, да имаше само светли мисли немаше да има зло. Нашиот мозок претставува два спротивни укинувачки процеси на еден иста појавност. Нема јасно издефиринцирани позитивни и негативни мисли, како што не постојат строго добри и лоши индивидуи. Се е во ред до сега. Но, доколку навистина погледнам околу себе ќе забележам нешто сосема друго.  Живеам во свет каде човековата природа е осакатена. Свет во кој уште од мали нозе сум учен да се лажам прво себеси, па потоа и останатите - истовремено убедувајќи се во лагите почнувам да се губам, а во поширока смисла да се адаптирам на нормите што ги диктира општеството. Ова значи дека моите природни процеси и потреби ги мутирам и штимам се додека не се поклопат со она општо прифатеното, во спротивност следуваат казни, пресуди и стрелања.

Најтипичен пример со кој најпластично може да се објасни човековата природа во свет на извештаченост е ликот Мерсо од делото на Албер Ками „Странецот“. Мерсо е најприродниот и најнормалниот човек што некогаш „постоел“. Тој еднаш во животот нема направено нешто со коешто тој не се согласува, што не е во согласност со неговата природа. Ниту еднаш нема направено или кажано нешто затоа што така треба да биде. Кои се тие што сметаат дека јас треба нешто да правам, а нешто да не правам? Кои се тие да го заземаат пилотското место во мојот живот? Јас сум тој којшто го контролира својот живот и се она што се случува во истиот. Со таквите размисли е невозможно да опстанам во светот во којшто живеам. Треба да сум свесен дека или ќе се покорам на нормите или ќе живеам по моја мера, но ќе бидам проколнат од општеството. Јас го прифаќам првиот избор затоа што не сакам да бидам каменуван. Сакам да ми биде топло и угодно. Е, Мерсо избрал да не живее како мене. Избрал да живее баш по свое - буквално се оддал на неговата природа. Мерсо пие кафе доколку му се пие кафе, тој плаче доколку му се плаче, гледа комичен филм доколку сака да се насмее. Навидум нема ништо чудно, но ако кажам дека не плаче над телото на својата мртва мајка и дека пие кафе седејќи до нејзе, па што е уште пострашно оди да гледа комичен филм после неколку саати од погребот на мајка си, можам само да речам дека тој е монструм. А зошто така му пресудив? Како зошто, бидејќи нормално е да се плаче кога ќе ти умре мајка, бидејќи не е нормално да се забавуваш после неколку саати од погребот на твојата мајка. Бинго. Дојдов до клучниот збор – нормално. Ако би го дефинирал, би кажал дека нормално претставува прифатено човеково однесување дефинирано со етички норми напишани од општеството, што всушност е тотално бесмислено. Постојат порота и судии – општеството и пред истите стојат неконвенционални, всушност вистински, природни индивидуи. Што им прави поротата и судиите? Ги осудуваат на смрт. Еве го парадоксот – бивајќи човек осуден сум на смртна казна. Говорејќи го она што навистина го мислам, правејќи го она што сметам дека треба да го правам е невозможно.    
  
Како дополнување, бесмислицата наречена постоење на планетата Земја како човек, можеби најпрецизно може да се објасни со песната на Сајмон и Гарфункел „Звукот на тишината.“ Во светот веќе не постои човештво. Постои, но само како форма, без содржина. Човековите норми се одамна избришани и заменети со нови, антихумани. Човекот порано или подоцна ќе почуствува или чувствува дека нешто не е во ред, но тоа е веќе предоцна. Во меѓувреме бил зафатен со други мисли негледајќи дека всушност доаѓа мрак над човештвото. Губел време поклонувајќи му се на „неонскиот Бог“ - кој не е ништо друго освен медиумите. Се поклонува и дозволува да биде обликуван и деформиран од телевизијата. Телевизијата ни е идол на кого слепо му веруваме. Дозволуваме да бидеме овци кои блеат и се движат кон водителите. Вестите за војни, катастрофи, протести и болести ги доживуваме крајно апатично, всушност се однесуваме неуко – исто како и никогаш да не сме излегле од пештерата што на почетокот ја споменав.

Што правиме во меѓувреме? Ништо. Несвесно постоиме. Живееме по шема, без чувства, без изнендувања. Се однесуваме крајно рамнодушно кон се. Живееме во свет на тишина којашто се размножува како рак во нашите тела. Сепак во одреден момент, ќе се сетиме да се запрашаме што правиме, но тогаш е веќе доцна. Сфаќаме дека сме го изгубиле својот глас многу одамна. Сега не може да се каже ништо. Единствениот начин на изразување е анонимноста, која што се јавува во форми на графити со силни пораки или статии во списанија. Тоа го пишуваат оние кои не дозволиле ракот по име тишина да достигне метафаза, но попусто се трудат да допрат до изолираните браќа и сестри.

Каде се изгуби природата на човекот?  Што станав јас? Дали способноста да мислам ми е ограничена? Дали ми е дозволено да мислам? Дали воопшто мислам? Денес човековата мисла претставува ограничување на слободата. Човековата мисла претставува проклет дар за малкуте луѓе што постојат. Веќе одамна е почнат процесот на анихилација којшто особено сега има најголем замав. Почна масовно производство на андроиди, а истребување на луѓе. Не само што еволутивната карта е свртена наопаку, туку последниот род хомо е на пат до изумирање.

Пишува: Дамјан Павлов

Објавувањето колумни од надворешни автори е одраз на намерата „Факултети.мк“ да биде влијателен глас на студентите и младите луѓе. Но, напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат нашите колумнисти, особено кога станува збор за лични дисквалификации, етикетирања без основа и извртување на контексти со цел да се наштети на други личности од која било сфера. „Факултети.мк“ се оградува од таквиот речник и конотации и ги смета за непримерни во јавната комуникација.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот