X
 17.12.2016 Образование

На студентите им треба повеќе пракса, учат премногу теорија


 
Ни треба систем во кој дипломата и практичниот сертификат треба да бидат основа за барање работа - одговорил студент на нашата анкета.

Многу повеќе пракса, нови учебници, воведување приемни испити за уписи на факултетите, но и подобар наставен кадар се клучните промени кои треба да се направат во македонското високо образование, сметаат студентите.

Ова се може да се заклучи од одговорите на студентите на нашата анкета . Најголем дел од нив сметаат дека сегашното високо образование не нуди систем кој ги подготвува добро за работните места, односно учат многу теорија, но не и пракса.

- Би вовел практична настава од прва година, а после завршување на последната година само оној студент кој го положили практичниот дел би добил сертификат дека е способен да ја извршува таа работа . Ни треба систем во кој дипломата и практичниот сертификат треба да бидат основата за барање работа -смета студент .

Негов колега исто така објаснува дека потребен е поголем акцент на практичната настава и поголема подготовка за влез во бизнис водите после факултетот.

- Кај нас 80, па дури и 90 отсто од времето имаме катедра предавања во кои ти слушаш што професорот ќе ти каже, а не сме оставени да работиме на проекти, да се соочиме и да искусиме проблеми што навистина се случуваат во една работна околина. Ако имаш различно мислење не кај секој професор можеш да започнеш дискусија околу таа тематика, бидејќи ќе се навреди, па после ќе се соочиш со проблеми при полагање. Со други зборови потребна ни е поголема соработка со бизнис заедницата во Македонија - вели тој.

- Јас лично би ги тргнал сите приватни универзитети и би воведел многу пракса и би изградил многу лабаратории бидејќи единствен извор на вистинското знаење е искуството - вели друг студент.

На студентите не им недостасува само практична настава, туку и подобар пристап од страна на професорите и асистентите. Многумина се пожалија дека наставниот кадар често не им обрнува внимание и не се труди да им помогне во разрешување на дилемите. Бараат и квалитетниот кадар повеќе да се цени и соодветно да се наградува, а партиските вработувања да останат надвор од факултетите.

- Најбитното нешто според мене на кое што му треба реформа и промена се партиските вработувања во високо-образовните институции. Треба да го имаме најквалитетниот професор и асистент, најспособната администрација, а не партиски активисти кои со книшка ја добиле работата, а не со знаење и компетентност. Потоа, треба да се намали бројот на квотите, особено за општествените факултети со цел а се постигне селекција на најдобрите ученици кои што би биле идни студенти и професионални во некое поле. Да не бидеме сите со високо образование и да му дадеме повеќе значење и поголема вредност на знаењето и дипломата -одговорила една студентка.

Многумина од студентите кои одговорија на нашата анкета сметаат дека денеска премногу лесно може да се запише на факултет и дека треба да се вратат приемните испити што на факултетите ќе им донесе поквалитетни студенти.

- Ни треба многу построг и посериозен пристап во однос на примањето на студенти на факултетите бидејќи не секој може да биде факултетски образовано лице, а и не мора. Потребно е целосно преуредување на системот за високо образование каде што не би било морало секој млад човек да сака да се запише на факултет и притоа да опаѓа квалитетот на студиите поради пренатрупаност на факултетите - стои во одговорот на еден студент.

- Најпрво ни треба укинување на државна матура, наместо тоа приемен испит на сите факултети. Не е факултет за секој. Би ги намалила студентските трошоци и би инвестирала во техничка опрема на факултетите. Професорите (барем на мојот факултет се одлични ) има интеракција меѓу нив и студентите. Би ги мотивирала студентите со повеќе стипендии или студентски размени, а професорите со размени или посебни награди. Квалитетниот кадар треба да се цени и чува - вели студентка.
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование