X
 16.03.2023 Наука

Сателитите ги расипуваат фотографиите направени од телескопот „Хабл“

Фотографиите направени од вселенскиот телескоп „Хабл“ се расипуваат поради илјадниците сателити што се движат на небото.

Истражување објавено во „Нејч астрономи“ открива зголемување на бројот на фотографии направени од „Хабл“ кои се уништени поради сателитите што поминуваат, како „Старлинк“ на „Спејс екс“.

НАСА е принудена да ги отстрани сателитите при обработката на сликите. Но, вселенската агенција вели дека засега тоа не претставува многу голем проблем.

1
Фото: NASA/ESA/Kruk et al

- Иако таквите анализи може да покажат постепено зголемување на сателитските траги со текот на времето, повеќето од овие ленти што ги оставаат сателитите лесно се отстрануваат со користење стандардни техники за намалување, а поголемиот дел од погодените фотографии и понатаму можат да се употребат. Сателитските ленти во моментов не претставуваат значителна закана за научната ефикасност и анализата на податоците на „Хабл“ - изјави портпаролката на НАСА.

Вселенскиот телескоп „Хабл“ беше лансиран во 1990 година и го револуционизира разбирањето на човештвото за космосот. Во последните 33 години, илјадници сателити беа лансирани во орбитата и повеќето од нив се наоѓаат на 16 километри над „Хабл“, при што телескопот се наоѓа на околу 539 километри над површината на Земјата.

2
Фото: NASA/ESA/Kruk et al

За да го проучат ефектот на овој феномен, астрономите од Институтот за вонземска физика „Макс Планк“ анализирале стотици илјади снимки од „Хабл“ направени уште од 2002 година. Тие откриле дека од 2009 до 2020 година сателитските ленти влијаеле врз 3,7 отсто од сликите на „Хабл“. Но, во 2021 година тој број скокнал на 5,9 отсто - зголемување што кореспондира со порастот на „Старлинк“.

Анализата била направена кога во орбитата имало 1.652 сателити на „Старлинк“ , но во февруари 2023 година таа бројка се искачила на 3.580 сателити.

3
Фото: NASA/ESA/Kruk et al

Компанијата во сопственост на Илон Маск се надева дека ќе го прошири својот систем на 42.000 сателити.

Ако во наредните години бидат лансирани 100.000 сателити, бројот на сателити во вселената би се зголемил десеткратно, што значи дека на околу 50 отсто од сликите на „Хабл“ би имало сателит.

- Кога „Хабл“ повеќе нема да биде корисен? Можеби за 10 или 20 години - вели д-р Мекофрин, коавтор на истражувањето.

4
Фото: NASA/ESA/Kruk et al

Извор: Petapixel
Фото: NASA/ESA/Kruk et al
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука